Библијата менува животи
Библијата менува животи
ШТО мотивирало еден растафаријанец * да ги истриже долгите плетенки и да ги надмине своите предрасуди кон белците? И што му помогнало на еден насилен млад човек што собирал пари за дилерите на дрога да го промени својот живот? Да видиме што има да ни каже секој од нив.
„Ги надминав дури и предрасудите“ — ХАФЕНИ ДАМА
ВОЗРАСТ: 34
ЗЕМЈА: ЗАМБИЈА
НЕКОГАШ: РАСТАФАРИЈАНЕЦ
МОЕТО МИНАТО: Роден сум во еден камп за бегалци во Замбија. Мајка ми побегнала од Намибија за време на една војна и се приклучила на Народната организација на Југозападна Африка. Оваа организација се борела против јужноафриканскиот режим што во тоа време владеел во Намибија.
Првите 15 години од животот ги поминав во неколку кампови за бегалци. Младите кои беа во камповите што ги отвори Народната организација на Југозападна Африка беа воспитувани да предводат во ослободителното движење. Ни беа всадени политички идеи и нѐ учеа да ги мразиме белците.
Кога имав 11 години, сакав да ме примат како христијанин во една црква во кампот, во која одеа католици, лутеранци, англиканци и верници од други религии. Свештеникот со кој разговарав ме одвраќаше од тој чекор. Тогаш станав атеист. Но, кога наполнив 15 години, мојата љубов кон реге музиката и желбата да исправам некои неправди што ги доживеаја африканските црнци ме натераа да му се придружам на движењето на растафаријанците. Ја оставив косата да ми порасне и ја сплетов во плетенки, пушев марихуана, престанав да јадам месо и се борев за слободата на црнците. Меѓутоа, не прекинав со неморалниот живот и не престанав да гледам насилни филмови. Освен тоа, продолжив да зборувам вулгарно.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 1995 год., кога имав околу 20 години, почнав сериозно да размислувам што да правам во животот. Ги прочитав сите растафаријански публикации што ги најдов. Некои од нив се осврнуваа на Библијата, но објаснувањата воопшто не ми звучеа логично. Затоа решив сам да ја прочитам.
Подоцна, еден мој пријател, кој беше растафаријанец, ми даде една публикација што ја издале Јеховините сведоци, а служеше за проучување на Библијата. Самиот почнав да ја проучувам Библијата со помош на оваа книга. По некое време се запознав со Јеховините
сведоци и продолжив да проучувам со нив.Со тешки маки се откажав од пушењето и пиењето (2. Коринќаните 7:1). Си го средив изгледот, ги истрижав долгите плетенки, престанав да гледам порнографија и насилни филмови, како и да користам вулгарни зборови (Ефешаните 5:3, 4). Со текот на времето ги надминав дури и предрасудите кон белците (Дела 10:34, 35). За да ги направам тие промени, требаше да расчистам со музиката што поттикнува на расизам и да престанам да се дружам со моите поранешни пријатели, кои сигурно ќе се обидуваа да ме натераат да се вратам на стариот живот.
Откако ги направив тие промени, побарав Сала на Царството на Јеховините сведоци и ги замолив да се приклучам на нивната религија. На моето семејство не му се допаѓаше мојата одлука да се крстам и да станам Јеховин сведок. Мајка ми ми рече да изберам која и да е друга „христијанска“ религија, само не Јеховините сведоци. Еден мој чичко, кој беше истакнат член на владата, постојано ми префрлаше што решив да станам Сведок.
Меѓутоа, штом дознав како Исус постапувал со луѓето и ги применив неговите совети, ми беше полесно да се справам со противењето и со исмејувањето. Кога го споредив она што го веруваат Сведоците со она што го вели Библијата, бев уверен дека ја пронајдов вистинската религија. На пример, тие ја следат библиската заповед да им проповедаат на другите (Матеј 28:19, 20; Дела 15:14). Исто така, не се мешаат во политика (Псалм 146:3, 4; Јован 15:17, 18).
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Тоа што научив да живеам според библиските мерила многу ми помогна во животот. На пример, затоа што се откажав од марихуаната, сега штедам стотици долари месечно. Повеќе немам халуцинации, а моето ментално и физичко здравје се подобри.
Сега мојот живот има правец и смисла по кои копнеев уште од младоста. А што е најважно од сѐ, чувствувам дека сум близок со Бог (Јаков 4:8).
„Научив да си го контролирам гневот“ — МАРТИНО ПЕДРЕТИ
ВОЗРАСТ: 43
ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА
НЕКОГАШ: ДИЛЕР НА ДРОГА
МОЕТО МИНАТО: Кога бев дете, моето семејство често се селеше. Сум живеел во мали градови, во голем град, а извесно време поминав и во една протестантска мисија меѓу Абориџините во внатрешноста на земјата. Имам убави спомени од тоа време што го поминав со моите братучеди и вујковци — рибаревме, одевме на лов и правевме бумеранзи и други предмети.
Татко ми беше боксер и почна да ме учи да се тепам уште кога бев мал. Така станав многу насилен. Во тинејџерските години, често одев во баровите и пиев. Моите пријатели и јас започнувавме тепачки. Со ножеви и палки за бејзбол, често напаѓавме групи од 20 или повеќе луѓе.
Заработував продавајќи дрога и стока што ќе ја украдеа луѓето кои работеа на пристаништето. Исто така, собирав пари од луѓето што им должеа на дилерите на дрога и им се заканував со пушки и пиштоли. Сакав да станам платен убиец. Моето мото беше ‚убиј или ќе те убијат‘.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Чув за Јеховините сведоци уште во младоста. Кога имав 20-тина години, се сеќавам дека ја прашував мајка ми дали знае каде има Сведоци. По два дена, еден Сведок по име Диксон тропна на мојата врата. Откако поразговаравме малку, ме викна на еден од нивните состаноци. Јас отидов, и оттогаш одам на состаноци веќе 20 години. На секое мое прашање Сведоците одговараа со помош на Библијата.
Се израдував кога дознав дека Јехова е заинтересиран за секој човек, па дури и за безбожните луѓе (2. Петрово 3:9). Сфатив дека тој е грижлив Татко што ќе ме сака дури и ако никој друг не ме сака. Исто така, ми олесна кога дознав дека е спремен да ми ги прости гревовите ако се променам. Библиските стихови од Ефешаните 4:22-24 ми оставија силен впечаток. Тие ме охрабрија ‚да ја соблечам старата личност и да ја облечам новата личност, која е создадена по Божја волја‘.
Ми требаше време за да се променам. Ќе издржев без дрога цела недела, ама за време на викендот, кога бев со моите пријатели, попуштав на притисокот. Сфатив дека, ако сакам да си го средам животот, ќе треба да ги прекинам врските со нив, па затоа решив да се преселам во друга држава. Некои пријатели сакаа да дојдат со мене, и јас се согласив. За време на патот почнаа да пушат марихуана и ми понудија и мене. Им реков дека јас расчистив со тие лоши навики, а потоа се разделивме на границата. Подоцна дознав дека по кратко време моите пријатели влегле со пушка во некоја банка и ја ограбиле.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Штом престанав да се дружам со тие пријатели, ми беше многу полесно да ги направам потребните промени во животот. Во 1989 год. се крстив како Сведок. По моето крштавање, во службата за Јехова ми се придружија и сестра ми, мајка ми и татко ми.
Во брак сум веќе 17 години и имам три прекрасни деца. Научив да го контролирам гневот, дури и кога ќе ме испровоцира некој. Исто така, научив да ги сакам луѓето од сите ‚племиња, раси и јазици‘ (Откровение 7:9). Чувствувам дека во мојот случај важат следниве зборови што ги кажал Исус: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).
[Фуснота]
^ пас. 2 Растафаријанците се членови на една секта од Јамајка, кои обично имаат долга коса со плетенки и го сметаат за бог Хајле Саласие од Етиопија.
[Истакната мисла на страница 19]
За да ги направам тие промени требаше да расчистам со музиката што поттикнува на расизам
[Истакната мисла на страница 20]
Моите пријатели и јас започнувавме тепачки. Со ножеви и палки за бејзбол, често напаѓавме групи од 20 или повеќе луѓе