Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Исус е архангелот Михаел?

Дали Исус е архангелот Михаел?

Читателите прашуваат...

Дали Исус е архангелот Михаел?

▪ Едноставно кажано, одговорот е да. Во многу култури е вообичаено на луѓето да им се дадат повеќе имиња. Ова е случај и со некои лица што се спомнуваат во Библијата. На пример, верниот Јаков бил наречен и Израел (1. Мојсеева 35:10). За апостол Петар се користат пет различни имиња — Симон, Петар, Симон Петар, Кифа и Симеон (Матеј 10:2; 16:16; Јован 1:42; Дела 15:7, 14). Од каде знаеме дека Михаел е друго име за Исус? Размисли за следниве докази од Библијата.

Во неа пет пати се спомнува моќното духовно суштество по име Михаел. Трипати се појавува во книгата Даниел. Во Даниел 10:13, 21 читаме дека еден ангел што Бог го испратил да изврши одредена задача бил спасен од Михаел, кој е наречен „еден од највисоките кнезови“ и „вашиот кнез“. Понатаму, од Даниел 12:1 дознаваме дека во времето на крајот „ќе стане Михаел, големиот кнез, кој стои и им помага на синовите на твојот народ“.

Името Михаел се спомнува и во Откровение 12:7, каде што е кажано дека „Михаел и неговите ангели“ се борат во една решавачка војна. Кога завршува војната, Сатана Ѓаволот и неговите злобни ангели се исфрлени од небото.

Забележи дека во сите наведени случаи, Михаел е прикажан како ангел-воин што се бори за Божјиот народ и го штити, а води борба дури и со Јеховиниот најголем непријател, Сатана.

Во Јуда 9 Михаел е наречен „архангелот“. Претставката „арх-“ значи „прв“ или „главен“, а зборот „архангел“ во Библијата никогаш не се користи во множина. Единствен друг стих во кој се спомнува зборот архангел е 1. Солуњаните 4:16, каде што Павле го вели следново за воскреснатиот Исус: „Самиот Господар [Исус] ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел и со Божја труба“. Значи, во овој стих Исус Христос е тој што е наречен архангел, односно главен ангел.

Што можеме да заклучиме од сево ова? Исус Христос е архангелот Михаел. Двете имиња — Михаел (што значи „Кој е како Бог?“) и Исус (што значи „Јехова е спасение“) — го свртуваат вниманието на неговата улога како главен застапник на Божјата врховна власт. Во Филипјаните 2:9 стои: „Бог го возвиши [прославениот Исус] и му подари име кое е над секое друго име“.

Важно е да се забележи дека Исус живеел уште пред да се роди како човек. Пред неговото раѓање, еден ангел дошол кај Марија и ѝ рекол дека ќе роди дете со посредство на светиот дух и дека треба да му го даде името Исус (Лука 1:31). Во текот на својата служба, Исус многупати кажал дека постоел уште пред да дојде на Земјата (Јован 3:13; 8:23, 58).

Значи, уште пред да се роди како човек на Земјата, Исус живеел на небото како архангелот Михаел. Откако воскреснал и се вратил на небото, Исус продолжил да ја извршува својата служба како Михаел, главниот ангел, „на слава на Бог, Таткото“ (Филипјаните 2:11).