Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вдовици и вдовци — што им е потребно? Како да им помогнеш?

Вдовици и вдовци — што им е потребно? Како да им помогнеш?

Вдовици и вдовци — што им е потребно? Како да им помогнеш?

Во слабо осветлената кујна на својот мал стан, Жана без многу размислување ја поставува масата. Се разбира дека мора да јаде нешто. Одеднаш, погледот ѝ застанува на двете чинии пред неа... и почнува да плаче. Од навика ставила прибор за двајца! А поминале веќе две години откако починал нејзиниот драг сопруг.

ОНИЕ што не доживеале такво нешто, не можат да разберат колку е длабока болката поради загубата на сопружникот. Всушност, човековиот ум не може одеднаш да ја прифати ужасната реалност. Берил, која има 72 години, не можела да се помири со ненадејната смрт на нејзиниот сопруг. „Ми се чинеше дека не е вистина“, вели таа. „Не можев да поверувам дека нема пак да се појави на врата.“

Откако ќе им се изврши ампутација, некои лица понекогаш го „чувствуваат“ делот од телото што им е отстранет. Слично на тоа, ужалените лица понекогаш ќе го „видат“ својот мил сопружник меѓу други луѓе или ќе кажат нешто наглас, иако сопружникот повеќе не е крај нив!

Некои честопати не знаат што да направат кога нивниот пријател или роднина минува низ такви моменти. Познаваш ли некого што го загубил својот брачен другар? Тогаш, како да му помогнеш? Што треба да знаеш за да им помогнеш на вдовиците и вдовците да живеат со загубата? Како да им помогнеш на ужалените малку по малку повторно да му се радуваат на животот?

Што да не правиш

На најблиските веројатно им е тешко кога гледаат како страда нивниот пријател или роднина и можеби со добри намери ќе се обидуваат да му помогнат за пократко време да се справи со тагата. Меѓутоа, еден истражувач што спровел анкета меѓу 700 лица што го изгубиле својот животен сопатник, напишал: „Не е ‚пропишано‘ колку време да се тагува“. Затоа, наместо да му велиш да не плаче, дај му време на ужалениот да ја изрази својата тага (1. Мојсеева 37:34, 35; Јов 10:1).

Иако е во ред да помогнеш околу формалностите поврзани со погребот, немој да си мислиш дека мора сѐ да земеш во свои раце. Пол, вдовец кој има 49 години, вели: „Мислам дека е убаво што оние кои се понудија да ми помогнат ми дозволија јас да имам контрола над подготовките. Многу ми значеше што погребот на жена ми помина во најдобар ред. Сметав дека тоа е последното нешто што можев да го направам за неа“.

Се разбира, сосема е на место да се понуди извесна помош. Ејлин, вдовица која сега има 68 години, вели: „Ми беше тешко да го организирам погребот и да ги средам потребните документи, бидејќи не можев да размислувам трезвено. За среќа, син ми и снаа ми многу ми помогнаа“.

Исто така, не плаши се да зборуваш за починатиот. Берил вели: „Моите пријатели многу ми помогнаа. Меѓутоа, многумина од нив избегнуваа да зборуваат за маж ми, Џон. Изгледаше како никогаш да не постоел, и тоа ми падна тешко“. Со текот на времето, вдовиците и вдовците можеби ќе сакаат да зборуваат за својот брачен другар. Можеш ли да се сетиш на некој убав гест што го направил починатиот, или на некоја интересна случка поврзана со него? Тогаш, предложи да го раскажеш тоа и не дозволувај стравот да те спречи. Ако мислиш дека ќе биде добро, кажи што многу ти се допаѓало кај починатиот или спомни некоја работа во врска со него што ти недостига. Тоа може да му помогне на ужалениот да сфати дека и други ја делат неговата болка (Римјаните 12:15).

Кога правиш нешто за да му помогнеш на ужалениот, не преплавувај го со совети. Немој да му вршиш притисок избрзано да донесува одлуки. a Наместо тоа, биди разумен и прашај се: ‚Што можам да направам за да му помогнам на мојот пријател или роднина да го преброди овој тежок период во животот?‘

Што можеш да направиш

Првите денови од нечија смрт, на неговиот брачен другар веројатно ќе му треба практична помош. Би можел ли да подготвиш оброци, да ги сместиш кај себе роднините што дошле да го посетат ужалениот или, пак, да му правиш друштво?

Исто така, ќе треба да сфатиш дека мажите и жените различно се справуваат со жалоста и осаменоста. На пример, во некои земји, повеќе од половина овдовени мажи се преженуваат во период од 18 месеци по смртта на сопругата — што е редок случај кај жените на кои им починал сопругот. На што се должи оваа разлика?

Спротивно на вообичаеното верување, мажите не се преженуваат секогаш само за да ги задоволат своите физички или сексуални потреби. Бидејќи се склони да ѝ се доверат само на својата сопруга, по нејзината смрт може да се чувствуваат многу осамени. За разлика од нив, на жените обично им е полесно да најдат емоционална поддршка, дури и ако се случи пријателите на починатиот сопруг да ги заборават. Ова донекаде објаснува зошто многу вдовци гледаат во преженувањето единствен излез од осаменоста — и покрај ризикот што го носи пребрзото започнување нова врска — и зошто вдовиците можат подобро да ја поднесат осаменоста.

Сеедно дали твојот пријател или роднина е маж или жена, што можеш да направиш за да не се чувствува толку осамен? Хелен, вдовица која има 49 години, вели: „Мнозина имаат добри намери, ама не прават ништо конкретно. Честопати ќе речат: ‚Ако ти треба нешто, јави ми се‘. Меѓутоа, многу ми значеше кога некој ќе ми речеше: ‚Јас ќе одам на купување. Ќе дојдеш со мене?‘“ Пол, чија жена умрела од рак, објаснува зошто му било пријатно кога ќе го поканеле некаде. Тој вели: „Понекогаш немаш желба да комуницираш со луѓето или да зборуваш за она што ти се случило. Но, откако една вечер ќе бидеш во друштво, се чувствуваш многу подобро, не си веќе толку осамен. Знаеш дека има луѓе на кои вистински им значиш, а тоа ти ја олеснува болката“. b

Кога особено е потребно сочувство

Хелен сфатила дека најмногу ѝ требала емоционална поддршка тогаш кога повеќето нејзини роднини се вратиле во своето секојдневие. „Во почетокот пријателите и роднините се крај тебе“, вели таа, „но потоа нивниот живот си продолжува по вообичаениот тек. Меѓутоа, не и твојот.“ Свесни за тој факт, вистинските пријатели постојано ќе бидат на располагање и ќе помагаат.

Можеби на некои вдовици или вдовци особено ќе им биде потребно друштво на годишнините од некои настани, како што е годишнината од бракот или датумот на смртта на сопружникот. Ејлин вели дека нејзиниот син ѝ ја пополнува празнината што ја чувствува на годишнината од нејзиниот брак. Таа вели: „Секоја година на тој ден излегуваме некаде со син ми Кевин. Заедно ручаме, и тој ден е само за мене и него“. Би можел да си запишеш кои се најтешките денови за твојот роднина или пријател што го изгубил сопружникот. Тогаш би можел да испланираш ти или некој друг да биде со него на тој тежок ден (Изреки 17:17).

Некои дошле до заклучок дека оние што и самите го изгубиле сопружникот можат да им дадат голема утеха на другите што се во иста ситуација. Ени, која осум години е вдовица, го вели следново за една своја пријателка која исто така е вдовица: „Нејзината решителност ми остави силен впечаток и ми даде сили да продолжам напред“.

Да, откако ќе ги пребродат првите фази на жалоста, вдовците и вдовиците можат да станат извор на охрабрување и надеж за другите. Две вдовици спомнати во Библијата, младата Рут и нејзината свекрва Ноемина, си помагале една на друга. Овој трогателен извештај покажува како заемната грижа на овие две жени им помогнала да ја преболат загубата и да се справат со тешкотиите на кои наишле (Рут 1:15-17; 3:1; 4:14, 15).

Време за лекување

За да почнат повторно да водат исполнет живот, оние на кои им починал брачниот другар треба да најдат исправна рамнотежа помеѓу зачувувањето на споменот на нивниот мил сопружник и грижата за личните потреби. Мудриот цар Соломон признал дека има „време за плачење“. Но, тој исто така рекол дека треба да има и „време за лекување“ (Проповедник 3:3, 4).

Пол кажува колку е тешко да не почнеш да живееш во минатото. Тој вели: „Жена ми и јас бевме како две млади дрвца што се испреплеле додека растеле. Но, по некое време едното дрво умрело и го тргнале, а другото останало деформирано. Ми беше необично да бидам сам“. Од верност кон починатиот сопружник, некои одбиваат да се ослободат од минатото. Други имаат чувство дека го изневеруваат починатиот ако уживаат во некоја активност, па затоа не сакаат да излегуваат или да се дружат со други луѓе. Како може да им се помогне на вдовиците и на вдовците полека да ги залечат раните, односно да продолжат со својот живот?

Како прво, би можело да им се помогне да ги изразат своите чувства. Херберт, кој е вдовец шест години, вели: „Особено ги ценам моментите кога оние што ќе дојдеа да ме видат седеа смирено и ме слушаа додека им кажував за своите сеќавања или за нешто што тогаш ме мачеше. Сигурен сум дека не бев секогаш пријатно друштво, но ценам што беа сочувствителни“. Пол бил особено трогнат од постапките на некој зрел пријател што редовно го прашувал како се справува со своите емоции. Тој вели: „Ја ценев неговата искреност и благост и често му кажував како се чувствував во тој период“ (Изреки 18:24).

Кога ги изразува своите испомешани чувства, како што се каење, вина или гнев, ужалениот прави еден многу важен чекор што ќе му помогне да ги прифати своите нови околности. На пример, откако цар Давид го излеал своето срце пред личноста во која можел да има најголема доверба, Јехова Бог, успеал да собере сили да ‚стане‘ и да ја прифати болната реалност за смртта на неговото синче (2. Самоилова 12:19-23).

Иако во почетокот ќе биде тешко, со текот на времето оној што го изгубил сопружникот ќе мора да се врати во секојдневието. Можеш ли да го вклучиш во некои од твоите редовни активности, како што се пазарувањето или вечерните прошетки? Можеш ли да го замолиш да ти помогне за нешто? Тоа е уште еден начин да го поттикнеш да излезе од својот свет. На пример, може ли да ти ги причува децата или да ти ги каже тајните на некој свој добар рецепт? Може ли да ти помогне околу поправките дома? Освен што им дава волја, тоа им покажува на овдовените лица дека нивниот живот сѐ уште има смисла.

Со тоа што повторно ќе комуницира со другите, на ужалениот може малку по малку да му се врати радоста во животот, а можеби дури и ќе си постави некои нови цели. Тоа било случај со Јонет, вдовица и мајка која има 44 години. Таа вели: „Многу ми беше тешко да се вратам во секојдневието! Воопшто не ми беше лесно да си ги вршам обврските, да водам сметка за парите и да се грижам за моите три деца“. Меѓутоа, со текот на времето, Јонет научила да се организира и подобро да комуницира со децата. Исто така, научила да ја прифаќа помошта од блиските пријатели.

„Животот и понатаму е скапоцен дар“

За нивната помош да биде од корист, пријателите и роднините треба да бидат реални. Со месеци, па дури и со години, додека се бори со болката, емоционалната состојба на оној што останал без својот брачен другар може да биде променлива. Ќе има периоди кога ќе се чувствува релативно добро или, пак, ќе биде во депресија. Се разбира, ‚болката во неговото срце‘ може да биде многу силна (1. Царевите 8:38, 39).

Во тие тешки периоди, на брачниот партнер што останал сам по смртта на сопружникот можеби ќе му треба благо насочување во исправна насока за да не избега од реалноста и да не се изолира. Таквата поддршка им овозможила на многу вдовци и вдовици да му дадат нов правец на својот живот. Клод, 60-годишен вдовец кој сега полновремено проповеда во Африка, вели: „Животот и понатаму е скапоцен дар, и покрај болката поради загубата на сопружникот“.

По смртта на брачниот другар, животот повеќе не е ист. Сепак, оние што го надживуваат својот животен сопатник имаат уште многу нешта да направат за другите (Проповедник 11:7, 8).

[Фусноти]

a Види ја рамката  „Будат драги спомени или отвораат болни рани?“ на страница 12.

b Повеќе предлози за тоа како практично да им се помогне на ужалените можеш да најдеш на страници 20-25 од брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 11]

Вистинските пријатели постојано ќе бидат на располагање и ќе помагаат

[Рамка/слика на страница 12]

 Будат драги спомени или отвораат болни рани?

„Чував многу лични предмети на маж ми“, вели Хелен, чиј сопруг починал пред неколку години. „Како што минува времето, тие ми враќаат во мислите многу убави спомени. Не сакав веднаш да се ослободам од нив бидејќи чувствата може многу да се променат.“

За разлика од неа, Клод, чија жена умрела пред повеќе од пет години, вели: „Јас не чувствувам потреба да бидам опкружен со нејзините лични предмети за да се сеќавам на неа. Мислам дека тоа што се ослободив од нив ми помогна да ја прифатам реалноста и полесно да ја поднесам загубата“.

Овие изјави покажуваат дека различни лица може да донесат сосема различни одлуки во врска со тоа што да прават со работите што му припаѓале на починатиот. Затоа, мудрите пријатели и роднини нема да се обидуваат да го наметнат своето лично гледиште во врска со тоа (Галатите 6:2, 5).

[Слики на страница 9]

Во кои денови особено ќе им биде потребна твојата помош?

[Слика на страница 9]

Не заборавај да ги викнеш да излезете некаде

[Слики на страница 10]

Кога работиш нешто или кога се рекреираш, вклучи ги и оние што останале без својот сопружник