Кој треба да ги поучува децата за Бог?
Кој треба да ги поучува децата за Бог?
„Ученикот не е над својот учител, туку секој што е добро поучен, ќе биде како својот учител“ (ЛУКА 6:40)
НЕКОИ родители мислат дека не се способни да ги поучуваат своите деца за Бог. Можеби сметаат дека не можат да бидат добри учители затоа што не се доволно образовани или затоа што не знаат многу за религијата. Поради тоа, му ја препуштаат оваа важна задача на некој роднина или на некој верски учител.
Но, кој е во најдобра положба да ги поучува децата за Бог и за моралните начела? Размисли што вели Библијата на оваа тема и спореди го тоа со заклучоците до кои дошле истражувачите.
Која е улогата на таткото?
Што вели Библијата: „Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење!“ (Ефешаните 6:4, Радосна Вест).
Што утврдиле истражувачите: Како им користи на татковците тоа што имаат цврсти верски убедувања? Во статијата со наслов Улогата на татковците во религиозното воспитување на децата, објавена во 2009 год., пишува: „Татковците што се религиозни стануваат подобри родители. Религијата им дава на
луѓето чувство дека имаат поддршка од другите и влијае позитивно врз нивното однесување. Исто така, ги учи и ги советува како да живеат“.Библијата истакнува колку е важна улогата на таткото во подигањето и воспитувањето на децата (Изреки 4:1; Колошаните 3:21; Евреите 12:9). Но, дали тие совети важат и во денешно време? Во 2009 год., Универзитетот во Флорида објави статија за тоа какво влијание имаат татковците врз своите деца. Истражувачите утврдиле дека децата чии татковци биле активно вклучени во нивното воспитување биле посочувствителни и имале поголема самопочит. Машките деца имале подобро поведение, а девојчињата имале подобро емоционално здравје. Значи, јасно е дека библиските совети се практични и во денешно време.
Колку е важна улогата на мајката?
Што вели Библијата: „Не оставај ги упатствата на мајка ти“ (Изреки 1:8).
Што утврдиле истражувачите: Во 2006 год., Прирачникот за детска психологија наведе: „Во просек, мајките поминуваат 65-80 отсто повеќе време од татковците во директен контакт со своите деца. Ова е случај во многу земји“. Затоа, говорот, постапките и ставовите на мајката длабоко влијаат врз развојот на детето.
Кога мајката и таткото ги поучуваат своите деца за Бог, им подаруваат најмалку две скапоцени работи. Прво, децата имаат можност да се зближат со својот небесен Татко, нешто што ќе им користи во текот на целиот живот. Второ, децата гледаат како треба да соработуваат мажот и жената за да ги остварат своите цели (Колошаните 3:18-20). Иако и другите можат да помагаат, пред сѐ родителите се одговорни да ги поучуваат своите деца за Бог и за тоа како треба да функционира едно семејство.
Но, на кој начин треба родителите да ги поучуваат своите деца? Кои методи се најуспешни?