Во случај на природна катастрофа
Што можеш да направиш во случај на природна непогода, со оглед на тоа дека тие стануваат сѐ почести и сѐ покатастрофални? Ќе спомнеме неколку практични чекори што можеш да ги преземеш.
Заштити се од несреќа.
„Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“, пишува во Библијата (Изреки 22:3). Овој мудар совет може да се примени и во случај на катастрофи. Ако е дадено предупредување дека за кратко време ќе дојде до вулканска ерупција, ќе има поплава или ќе помине ураган или тајфун, мудро е луѓето што живеат во ризичните подрачја да се евакуираат и да отидат на побезбедно место. Животот вреди повеќе од куќата и од другите материјални работи.
Други, пак, решаваат воопшто да не се населат на некое ризично подрачје. Еден стручњак на ова поле вели: „Најголемиот ризик од непогоди е речиси секогаш на истите географски подрачја. Само малку места од Земјината површина се изложени на најголем ризик од катастрофи и затоа повеќето елементарни непогоди ќе се случат таму“. На пример, тука спаѓаат ниските крајбрежни области и местата во близина на раседните линии. Ако е можно да не се населите на тие подрачја со висок ризик или, пак, да се преселите на некое побезбедно место, многу ќе ја намалите веројатноста да настрадате во некоја катастрофа.
Испланирај што ќе направиш.
Дури и ако направиш сѐ што е во твоја моќ, не е исклучена можноста да те снајде некоја неочекувана трагедија. За полесно да се справиш со таква ситуација, добро е однапред да испланираш што ќе направиш. Ова е во склад со советот од Изреки 22:3, запишан погоре. Дали си имаш подготвено торба за итни случаи што можеш да ја земеш со себе во секој момент? Во публикацијата Основни чекори во случај на катастрофа (1-2-3 of Disaster Education) се препорачува во торбата да ги има следниве работи: кутија за прва помош, флаширана вода, храна што не се расипува и најважните документи. Исто така, ќе биде мудро сите во семејството да разговарате за тоа какви катастрофи би можеле да го погодат вашето место и што да направите ако се случи тоа.
Остани близок со Бог.
Тоа е од голема помош во секоја ситуација. Библијата вели дека Бог е „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“. Во еден друг библиски стих пишува дека тој е Бог „кој ги теши потиштените“ (2. Коринќаните 1:3, 4; 7:6).
Да, Бог многу добро знае што им се случува на оние што имаат вера во него. Тој е Бог на љубовта и на различни начини ги охрабрува и ги разведрува оние што му служат (1. Јованово 4:8). Во која и ситуација да се најдеш, моли се, но не да се случи чудо, туку Бог да ти даде сила преку својот свет дух. Светиот дух може да им помогне на оние што се во неволја да се сетат на библиски стихови кои ќе ги утешат и ќе ги охрабрат. Тогаш и верните слуги на Бог ќе се чувствуваат како Давид, царот на древниот Израел, кој рекол: „Дури и да тргнам низ долината на густата темнина, нема да се плашам од зло, зашто ти си со мене, твојот стап и твојот жезол ме тешат“ (Псалм 23:4).
Моли се, но не да се случи чудо, туку Бог да ти даде сила преку својот свет дух
Помош од сохристијаните.
Во првиот век, христијанскиот пророк Агав рекол дека ќе завладее голем глад. Токму тоа се случило за време на владеењето на Клавдиј. Страшните последици од овој глад ги почувствувале и многу од Исусовите ученици во Јудеја. Што направиле христијаните на другите места кога чуле за неволјата на своите соверници? Во Библијата пишува: „Учениците, секој според своите можности, решија да испратат помош за на тој начин да им послужат на браќата што живееја во Јудеја“ (Дела 11:28, 29). Со голема љубов им испратиле храна и сѐ што им било потребно.
И денес, кога ќе се случи некоја тешка катастрофа, Божјите слуги го прават истото. Јеховините сведоци се познати по тоа што им помагаат на своите соверници. На пример, кога на 27 февруари 2010 год. силен земјотрес го погоди Чиле, Јеховините сведоци веднаш се организираа да им помогнат на оние што беа погодени од земјотресот. Карла, чиј дом бил однесен од цунамито, вели: „Се утешив и се охрабрив кога видов дека веќе следниот ден дојдоа [Сведоци] од други места за да ни помогнат. Нема никакво сомнение дека Јехова нѐ утеши преку нивните добри дела. Чувствував љубов и заштита“. Откако видел колку си помагаат, дедо ѝ, кој не е Јеховин сведок, рекол: „Ова што го правите вие е толку различно од она што со години го гледав во мојата црква“. Оттогаш почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.
Сохристијаните си помагаат кога ќе се случи катастрофа
Ако те снајде некоја природна непогода, многу ќе ти помогне тоа што ќе бидеш заедно со оние што го сакаат Бог. Сепак, ќе дојде ли време кога на Земјата нема да се случуваат никакви катастрофи? Да видиме што вели Библијата за тоа.