Дали апокрифните евангелија откриваат скриени вистини за Исус?
Дали апокрифните евангелија откриваат скриени вистини за Исус?
„ОВА е големо откритие. Сигурно ќе ја разбранува јавноста.“ „Ова је менува историјата на раното христијанство.“ Вакви драматични изјави дале некои изучувачи што се израдувале на излегувањето на публикацијата „Евангелие по Јуда“, текст кој се сметал за изгубен подолго од 16 векови (прикажан погоре).
Интересот за апокрифните евангелија повторно оживеа. Некои луѓе тврдат дека овие текстови ни откриваат значајни настани од животот на Исус, како и учења што ги кажал тој, а биле скриени долго време. Но, што се апокрифните евангелија? Можеме ли од нив да дознаеме некои вистини за Исус и за христијанството што ги нема во Библијата?
Канонските и апокрифните евангелија
Некаде меѓу 41 и 98 год. од н.е., Матеј, Марко, Лука и Јован запишале историски извештаи за животот на Исус Христос (Матеј 1:1). Овие извештаи понекогаш се нарекуваат евангелија, што значи ‚добра вест‘ за Исус Христос (Марко 1:1).
Иако можеби постоеле усни преданија и други записи за Исус, овие четири евангелија биле единствените за кои се сметало дека се напишани под водство на Бог и дека можат да бидат дел од Светото писмо — со цел ‚да се увериме‘ во сѐ што е поврзано со животот и учењата на Исус додека бил на Земјата (Лука 1:1-4; Дела 1:1, 2; 2. Тимотеј 3:16, 17). Овие четири евангелија се спомнуваат во сите древни каталози на Христијанските грчки списи. Нема никаква основа да се сомневаме во нивното канонство — правото да бидат дел од Божјата вдахновена Реч.
Но, со текот на времето, почнале да се појавуваат и други записи кои се нарекувале евангелија. Тие се познати како апокрифни евангелија. *
На крајот од вториот век, Иренеј од Лион напишал дека оние што отпаднале од христијанството имале „огромен број апокрифни и лажни записи“, вклучувајќи и евангелија „кои самите ги измислиле за да внесат забуна во умовите на лековерните луѓе“. Значи, се сметало дека е опасно не само да се читаат туку и да се поседуваат апокрифни евангелија.
Сепак, средновековните калуѓери и препишувачи ги спасиле овие дела од заборав. Во 19 век, нагло порасна интересот за нив и беа обелоденети многу збирки на записи и критички изданија на апокрифни текстови, меѓу кои и неколку евангелија. Денес овие изданија се објавени на голем број од најзборуваните јазици.
Апокрифните евангелија — нереални извештаи за Исус
Во апокрифните евангелија обично се зборува за луѓе кои едвај се спомнуваат или, пак, воопшто не се спомнуваат во канонските евангелија. Во нив се раскажани и настани кои наводно се случиле во детството на Исус. Да спомнеме неколку примери.
◼ „Протоевангелието по Јаков“, кое се нарекува и „Раѓањето на Марија“, го опишува раѓањето и детството на Марија, како и нејзиниот брак со Јосиф. Со добра причина за ова евангелие е речено дека е верска измислица и легенда. Во него се тврди дека Марија останала вечна девица и јасно е дека е напишано за да ја велича (Матеј 1:24, 25; 13:55, 56).
◼ „Евангелието по Тома за детството на Исус“ зборува за Исусовото детство од 5 до 12 години и за неверојатните чуда што ги направил во тој период. (Види Јован 2:11.) Исус е претставен како немирно, избувливо, одмаздољубиво дете кое ја користи својата моќ да прави чуда за да им се одмазди на учителите, соседите и другите деца. Некои ги ослепувал, а други ги осакатувал, па дури и ги убивал.
◼ Некои апокрифни евангелија, како што е „Евангелието по Петар“, зборуваат за настани поврзани со судењето, смртта и воскресението на Исус. Други евангелија, како што е „Дела на Пилат“, кое е дел од „Евангелието на Никодим“, зборуваат за некои луѓе поврзани со тие настани. Бидејќи во овие текстови се изнесуваат измислени податоци и личности, тие можат да се отфрлат како сосема неточни. „Евангелието по Петар“ го ослободува од вина Понтиј Пилат и со потсмев го опишува воскресението на Исус.
Апокрифните евангелија и отпадништвото од христијанството
Во декември 1945 год., во близина на Наг Хамади (Горен Египет), селаните случајно наишле на 13 папирусни ракописи кои содржеле 52 текста. Овие документи од четвртиот век му се припишуваат на едно верско и филозофско движење наречено гностицизам. Мешајќи елементи од мистицизам, паганство, грчка филозофија, јудаизам и христијанство, ова движење извршило лошо влијание врз некои луѓе кои се изјаснувале како христијани (1. Тимотеј 6:20, 21).
„Евангелието по Тома“, „Евангелието по Филип“, и „Евангелието на вистината“, кои се дел од ракописите пронајдени во близината на Наг Хамади, содржат разни мистични и гностички идеи кои наводно потекнуваат од Исус. И неодамна откриеното „Евангелие по Јуда“ се вбројува меѓу гностичките евангелија. Во него, Јуда е прикажан во позитивно светло, како тој да бил единствениот апостол што навистина сфатил кој бил Исус. Еден стручњак вели дека во ова евангелие Исус е опишан како „учител и човек полн со мудрости и знаење, а не како спасител кој умрел за гревовите на сите луѓе“. Од вдахновените евангелија дознаваме дека Исус навистина умрел и го дал својот живот како жртва за гревовите на целото човештво (Матеј 20:28; 26:28; 1. Јованово 2:1, 2). Јасно, гностичките евангелија имаат за цел да ја поткопаат, а не да ја зајакнат нашата вера во Библијата (Дела 20:30).
Зошто да имаме доверба во канонските евангелија
Потемелното разгледување на апокрифните евангелија јасно покажува дека тие се лажни. Иако им се придава речиси подеднаква важност како на канонските евангелија, очигледно е дека не се вдахновени од Бог (2. Тимотеј 1:13). Бидејќи ги напишале луѓе кои никогаш не ги познавале Исус или неговите апостоли, тие не можат да ни откријат скриени вистини за Исус и за христијанството. Наместо тоа, во нив има неточни, измислени, невистинити настани што воопшто не можат да ни помогнат да дознаеме нешто повеќе за Исус и за неговите учења (1. Тимотеј 4:1, 2).
Од друга страна, Матеј и Јован биле меѓу 12-те апостоли. Марко и Лука биле блиски соработници на апостолите Петар и Павле. Тие ги напишале своите евангелија под водство на Божјиот свет дух (2. Тимотеј 3:14-17). Од овие причини, четирите евангелија содржат сѐ што е потребно за еден човек да верува дека Исус е Христос, Божјиот Син (Јован 20:31).
[Фуснота]
^ пас. 7 Изразот „апокрифни“ доаѓа од грчкиот збор што значи „да се скрие“. Во почетокот овој збор се користел за текст кој го имале само следбениците на одреден правец на размислување, а бил скриен од оние кои не го застапувале тоа учење. Меѓутоа, по некое време тој збор почнал да означува списи што не биле вклучени во библискиот канон.
[Извор на слика на страница 18]
Kenneth Garrett/National Geographic Stock