Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Што била „судиската столица“ пред која бил одведен апостол Павле?

Во извештајот од Дела 18:12, 13 пишува дека Евреите од Коринт го обвиниле Павле дека незаконски го преобраќа народот и го одвеле пред „судиската столица“, или вима (грчки збор што значи „скалило“). Во древниот Коринт имало издигнат подиум, или платформа под отворено небо, близу до центарот на плоштадот, можеби на само неколку чекори од синагогата. Овој подиум се користел за некој да му се обрати на насобраниот народ. Бил направен од синкав и бел мермер богато украсен со резби, и имал две чекални со мермерни клупи и подни мозаици.

Изгледа дека тој подиум бил судиската столица пред која бил одведен апостол Павле за да му биде судено од римскиот проконзул на Ахаја, кој се викал Галион. Седнати на овој подиум, властите ги сослушувале судските случаи и ги објавувале своите пресуди пред насобраното мноштво.

Во грчките градови-држави, граѓаните имале обичај да се соберат пред таквата вима кога требало да се реши некој граѓански спор. Во извештаите за судењето на Исус на грчки јазик, и во Матеј 27:19 и во Јован 19:13, се спомнува дека Понтиј Пилат му се обратил на мноштвото од својата вима (Дела 12:21).

Зошто начинот на кој умрел Исус претставувал пречка за некои Евреи да станат христијани?

Во врска со првите христијани, апостол Павле напишал: „Го проповедаме Христос прикован на столб, кој за Евреите е камен за спрепнување, а за незнабошците глупост“ (1. Коринќаните 1:23). Зошто начинот на кој умрел Исус бил пречка за некои да станат христијани?

За начинот на кој умрел Исус и за културата на оние што живееле на Блискиот Исток во првиот век, авторот Бен Витеринтон III напишал дека таквата смрт „била најсрамниот начин некој да умре во тоа време. На неа воопшто не се гледало како на почесна маченичка смрт“. Витеринтон додал: „Луѓето тогаш верувале дека начинот на кој некој ќе умрел најмногу откривал каков човек бил. Според тоа, Исус бил сметан за никаквец — човек кој извршил велепредавство и човек што заслужувал да умре на истиот начин на кој биле погубувани робовите што ќе кренеле бунт“. Со оглед на ставовите што владееле во тоа време, гледаме колку е нелогично да се тврди дека првите христијани ги измислиле извештаите за смртта и воскресението на Исус.