Како христијанските учења влијаат врз општеството?
Како христијанските учења влијаат врз општеството?
ВО ПРЕТХОДНИТЕ статии видовме зошто вистинските христијани не учествуваат во политиката. Но, како можат христијаните да покажат дека сакаат да им помагаат на луѓето што живеат во нивната средина? Еден начин е со тоа што ќе ѝ бидат послушни на заповедта која им ја дал Исус: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
Заповедта на Исус да ‚правиме ученици‘ е поврзана со неговиот поттик да бидеме како сол и светлина на светот (Матеј 5:13, 14). На кој начин? Како може ова дело на проповедање да влијае врз луѓето?
Пораката на Христос заштитува и просветлува
Солта ја конзервира храната и спречува таа да се расипе. И пораката која Исус им заповедал на своите следбеници да ја пренесуваат низ целиот свет има слично влијание. Оние што ги прифаќаат и живеат според учењата на Исус се заштитени од моралната расипаност што владее денес. На кој начин? Тие научиле да се чуваат од штетни навики, како што е пушењето, и научиле да покажуваат особини како љубовта, мирот, долготрпеливоста, љубезноста и добротата (Галатите 5:22, 23). Овие особини им помагаат да бидат корисни членови на општеството. Христијаните што им ја пренесуваат оваа порака на своите ближни прават нешто навистина корисно за луѓето во местото каде што живеат.
На кој начин христијаните се како светлина? Исто како што месечината ја одразува сончевата светлина, така и следбениците на Христос ја одразуваат „светлината“ што доаѓа од Јехова Бог. Тоа го прават со своето проповедање и со своите добри дела (1. Петрово 2:12).
Исус истакнал уште еден начин на кој христијаните се како светлина: „Светилка не се пали за да се стави под кошница, туку на светилник, па им свети на сите во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето“. Светилката што е ставена на светилник јасно можат да ја видат сите околу неа. Слично, и проповедањето и добрите дела што ги прават вистинските христијани треба да бидат очигледни за луѓето околу нив. Зошто? Исус рекол дека оние што ќе ги гледале добрите дела ќе го славеле Бог, а не христијаните (Матеј 5:14-16).
Заедничка одговорност
Кога рекол „вие сте светлината на светот“ и „нека свети вашата светлина“, Исус им се обратил на сите свои ученици. Оваа задача не може да ја извршат само неколкумина поединци распрснати во различни религии. Напротив, сите негови ученици биле „светлината“. Седум милиони Јеховини сведоци, што живеат во повеќе од 235 земји, се уверени дека имаат заедничка одговорност да одат кај другите луѓе и да им ја пренесат пораката што ја кажал Исус.
Која е таа порака што ја пренесуваат Јеховините сведоци? Кога на своите следбеници им ја дал задачата да проповедаат, Исус не им рекол да се залагаат за социјални или за политички реформи, за обединување на црквата и државата или за некоја друга политичка идеологија. Напротив, тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Во склад со овие зборови, вистинските христијани денес продолжуваат да им зборуваат на другите за Божјето Царство — единствената влада која е способна да му стави крај на злобниот поредок на Сатана и да воспостави еден праведен нов свет.
Всушност, кога ги читаме евангелијата, можеме да забележиме две работи од службата на Исус што треба да имаат големо влијание врз делото на вистинските христијани денес. И за двете ќе стане збор во следната статија.
[Истакната мисла на страница 8]
Во која смисла пораката на христијаните е како сол?
[Истакната мисла на страница 9]
Во која смисла пораката на Христос е како светилка во темно место?