Читателите прашуваат...
Зошто Бог барал од своите слуги да стапуваат во брак само меѓу себе?
▪ Законот што Бог им го дал на Израелците ја вклучувал следнава заповед во врска со народите што живееле околу нив: „Не склучувај бракови со нив. Својата ќерка не давај му ја на нивниот син и нивната ќерка не земај ја за својот син“ (5. Мојсеева 7:3, 4). Од која причина била дадена оваа забрана?
Од една страна, Јехова знаел дека Сатана сакал да го расипе Божјиот народ со тоа што ќе го наведе да обожава лажни богови. Затоа, во врска со браковите со неверници, Бог го дал следново предупредување: „Ќе го одвратат твојот син од мене, па ќе им служи на други богови“. Тоа ќе имало големи последици. Ако Израелците почнеле да им служат на други богови, Јехова ќе престанел да ги смета за свој народ и да ги штити, а така ќе станеле лесен плен за непријателите. Во тој случај, како ќе дошол ветениот Месија преку израелскиот народ? Јасно е дека Сатана имал добра причина да ги наведе Израелците да склопуваат бракови со неверници.
Од друга страна, не заборавај дека Бог се грижел не само за својот народ како целина туку и за секој Израелец поединечно. Тој знаел дека доброто на секој поединец зависело од тоа дали е близок со Него. Дали Јехова со право бил загрижен заради лошото влијание што можел да го има брачниот партнер кој бил неверник? Размисли за она што му се случило на цар Соломон. Тој го знаел следново предупредување што го дал Јехова во врска со браковите со неверници: „Тие сигурно ќе ги наведат вашите срца да се свртат кон нивните богови“. Бидејќи бил многу мудар човек, Соломон можеби почнал да си мисли дека не му е потребен тој Божји совет и затоа не му обрнал внимание. Со какви последици? „Неговите жени му го наведоа срцето да се сврти кон други богови.“ Колку жалосно! Поради тоа што Соломон го изневерил Јехова, ја изгубил неговата милост и народот бил поделен (1. Царевите 11:2-4, 9-13).
Сепак, некои можеби ќе приговорат дека имало исклучоци. На пример, Израелецот Малон се оженил со Моавката Рут, која подоцна почнала да му служи на Јехова. Меѓутоа, бракот со Моавка носел со себе ризици. Малон не е спомнат како добар пример за тоа што се оженил со Моавка. Тој умрел млад, веројатно дури и пред Рут да го прифати Јехова како свој Бог. Неговиот брат, Хелеон, се оженил со Моавката Орфа, која продолжила да ги обожава „своите богови“. Од друга страна, Вооз се оженил со Рут некое време откако таа почнала да му служи на Јехова. Всушност, подоцна Евреите ја сметале за прекрасен пример на личност што ја прифатила еврејската вера. Бракот меѓу Рут и Вооз бил за доброто на двајцата (Рут 1:4, 5, 15-17; 4:13-17).
Според тоа, разумно ли е да се заклучи дека примерот на Малон и Рут на некој начин му противречи на Јеховиниот совет да се стапува во брак само со соверник? Зар тоа не би било слично како да посочиш еден коцкар што добил џекпот и потоа да тврдиш дека е во ред да се заработува за живот со коцкање?
Библијата ги поттикнува христијаните да стапуваат во брак „само во Господарот“. Таа предупредува: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“. Овој совет им е упатен на вистинските христијани кои бараат сопружник. За оние што веќе се во брак со неверник, Библијата содржи убави совети за тоа како да се носат со својата ситуација (1. Коринќаните 7:12-16, 39; 2. Коринќаните 6:14). Сите тие совети покажуваат дека Јехова Бог, кој го основал бракот, сака да бидеме среќни додека му служиме — сеедно дали сме или не сме во брак.