Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Кога се молите, речете: ‚Татко‘“

„Кога се молите, речете: ‚Татко‘“

„Кога се молите, речете: ‚Татко‘“

„Татко.“ На што помислуваш кога ќе го чуеш овој збор? На нежен човек кој покажува длабока љубов и голема грижа за своето семејство? Или на човек што е немарен, па дури и насилен? Одговорот многу зависи од тоа каков бил твојот татко.

„ТАТКО“ е збор што Исус често го користел кога му се обраќал на Бог или кога им зборувал на другите за него. * Кога ги поучувал своите следбеници како да се молат, Исус рекол: „Кога се молите, речете: ‚Татко‘“ (Лука 11:2). Но, каков татко е Јехова? Одговорот на ова прашање е многу важен. Зошто? Затоа што, колку подобро разбереме каков татко е Јехова толку повеќе ќе се зближиме со него и ќе го засакаме.

Никој не може да ни каже каков е нашиот небесен Татко подобро од Исус. Тој бил многу близок со својот Татко. Исус рекол: „Никој не го познава Синот толку добро како Таткото, и никој не го познава Таткото толку добро како Синот и како оној кому Синот сака да му го открие“ (Матеј 11:27). Значи, најдобриот начин на кој можеме да го запознаеме нашиот небесен Татко е преку неговиот Син.

Што можеме да научиме од Исус за нашиот небесен Татко? Размисли за следново што го кажал: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Од овие зборови на Исус се гледа која особина на нашиот небесен Татко е најистакната. Тоа е љубовта (1. Јованово 4:8). Јехова ја покажува својата љубов на различни начини, на пример, со тоа што нѐ пофалува, сочувствува со нас, нѐ штити, нѐ укорува и се грижи за нашите физички потреби.

Нашиот Татко нѐ пофалува

Пофалбата од родителите им влева сила и храброст на децата. Помисли колку мора да се охрабрил Исус кога го чул својот Татко како го пофалува: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Матеј 3:17). Исус нѐ уверува дека Таткото нѐ сака и има за што да нѐ пофали и нас. Исус рекол: „Кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко“ (Јован 14:21). Колку утешни зборови! Меѓутоа, има некој што би сакал да нѐ лиши од ваквата утеха.

Сатана се обидува да нѐ наведе да се сомневаме дека во очите на нашиот Татко ние сме вредни и ценети. Сака да нѐ убеди дека не сме достојни за неговата пофалба. Честопати тоа го прави баш тогаш кога сме најранливи — со лошо здравје, во поодминати години, скршени поради своите пропусти и грешки или кога сме разочарани од нешто. Да го земеме за пример младиот Лукас, кој сметал дека Јехова нема за што да го пофали. Тој раскажува дека, кога бил дете, неговите родители одеднаш многу се смениле и ги погазиле духовните вредности на кои го учеле. Можеби затоа му било тешко да се зближи со својот небесен Татко. Освен тоа, бидејќи по природа бил брз и непромислен, честопати си создавал непријатности, особено во односите со другите. Но, неговата стрплива и позитивна сопруга, која тој ја нарекува „посебен благослов — дар од Јехова“, му помогнала да научи да го контролира својот темперамент. Лукас сфатил дека ‚Христос Исус дошол во светот за да ги спаси грешниците‘ (1. Тимотеј 1:15). Тој вели дека тоа што размислува колку Јехова нѐ сака и колку вредни и ценети сме за него, го прави среќен и му влева самодоверба.

Ако и ти понекогаш се сомневаш дека Јехова те сака и дека кај тебе гледа работи што се за пофалба, ќе ти помогне тоа што ќе ги читаш и ќе размислуваш за зборовите од Римјаните 8:31-39. Со нив, апостол Павле нѐ уверува дека ништо „не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“. *

Татко кој има длабоко сочувство

Нашиот небесен Татко не е бесчувствителен на нашите страдања. Тој е Бог кој има ‚длабоко сочувство‘ (Лука 1:78). По примерот на својот Татко, и Исус бил сочувствителен кон несовршените луѓе (Марко 1:40-42; 6:30-34). Вистинските христијани се трудат да бидат сочувствителни како својот небесен Татко. Тие живеат според библискиот совет: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост“ (Ефешаните 4:32).

Размисли за она што му се случило на Фелипе. Еден ден, додека одел на работа, одеднаш почувствувал многу силна болка, како некој да го прободел во грбот. Веднаш го однеле в болница. По осум часа испитувања, лекарите утврдиле дека му пукнал внатрешниот ѕид на аортата. Му рекле дека му остануваат уште 25 минути живот и дека е бесцелно да се прави операција.

Во тие моменти со Фелипе биле некои од неговите соверници. Сочувството ги поттикнало овие луѓе веднаш да преземат нешто. Брзо договориле да биде префрлен во друга болница, каде што му била извршена итна операција. Тие останале во болницата до крајот на операцијата. Фелипе преживеал. Кога ќе се сети низ што сѐ поминал, благодарен е за сочувството кое го покажале неговите соверници. Сепак, Фелипе е уверен дека неговиот небесен Татко е оној што ги поттикнал да покажат сочувство. „Имав чувство како Бог, слично на еден грижлив татко, да стоеше крај мене и да ме храбреше“, вели Фелипе. Навистина, Јехова често покажува сочувство така што ги поттикнува своите слуги на Земјата да ја покажуваат оваа особина.

Нашиот Татко нѐ штити

Кога едно мало дете ќе почувствува дека е во опасност, отрчува кај својот татко за да најде заштита. Во неговата нежна прегратка, детето се чувствува сигурно. Исус имал потполна доверба во Јехова како заштитник (Матеј 26:53; Јован 17:15). И ние можеме да чувствуваме сигурност затоа што нашиот небесен Татко нѐ штити. Денес, Јехова првенствено обезбедува духовна заштита. Со други зборови, тој нѐ штити од духовна штета така што ни дава сѐ што е потребно за да ги избегнеме опасностите и да го зачуваме пријателството со него. Еден начин на кој нѐ штити е преку библиските совети. Кога добиваме такви совети, тоа е исто како Јехова да чекори зад нас и да ни вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Исаија 30:21).

Тиаго и неговите браќа, Фернандо и Рафаел, биле членови на една рокенрол група. Тие биле многу возбудени кога ги избрале да свират во една од најпознатите музички сали во Сао Пауло (Бразил). Изгледало дека ги чека голем успех. Меѓутоа, еден нивни соверник ги потсетил на опасностите од честото дружење со оние кои со својот начин на живот покажуваат големо непочитување кон Божјите мерила (Изреки 13:20). Тој го поткрепил овој библиски совет така што им го раскажал искуството на брат му, кој почнал да постапува небиблиски затоа што се фатил со лошо друштво. Тиаго и неговите браќа решиле да ѝ стават крај на својата музичка кариера. Сега сите тројца во зголемена мера ја проповедаат добрата вест. Тие се уверени дека советот од Божјата Реч ги заштитил од духовна пропаст.

Нашиот небесен Татко нѐ укорува

Таткото што си ги сака своите деца ги кара затоа што му е важно какви личности ќе станат (Ефешаните 6:4). Тој е цврст, но никогаш не е груб додека ги кара своите деца. Слично на тоа, и нашиот небесен Татко може понекогаш да увиди потреба да нѐ укори. Но, Бог секогаш укорува со љубов, а не грубо. По примерот на својот Татко, и Исус не бил груб, дури ни тогаш кога учениците не го прифаќале веднаш неговиот укор (Матеј 20:20-28; Лука 22:24-30).

Да видиме како еден човек по име Рикардо почнал да гледа со благодарност на тоа што Јехова го укорил со љубов. Татко му го напуштил кога Рикардо имал само седум месеци. Во своите тинејџерски години, Рикардо чувствувал голема празнина затоа што бил без татко. Почнал да постапува неисправно, но по некое време почувствувал грижа на совеста. Свесен дека она што го прави не е во склад со христијанските морални мерила, одлучил да им каже на старешините во своето собрание. Тие му дале директен, но љубезен совет кој се темелел на Библијата. Рикардо го прифатил советот, но и понатаму се измачувал поради она што го направил. Затоа поминал многу бессони ноќи, пролеал многу солзи и паднал во депресија. На крајот, сфатил дека укорот што го добил бил доказ дека Јехова сѐ уште го сака. Рикардо размислувал за зборовите од Евреите 12:6, каде што пишува: „Кого Јехова го сака, него и го укорува“.

Добро е да имаме на ум дека укорот не вклучува само казна и карање за нашите грешки. Библијата го поврзува укорот и со воспитување. Затоа, нашиот грижлив небесен Татко понекогаш нѐ укорува на тој начин што дозволува извесно време да ги трпиме последиците од грешките. Но, Библијата покажува дека неговиот укор е дел од нашето воспитување, кое ни помага да постапуваме исправно (Евреите 12:7, 11). Значи, нашиот Татко е вистински заинтересиран за нас и нѐ укорува за наше добро.

Татко кој се грижи за нашите физички потреби

Еден татко што си го сака семејството се грижи за физичките и материјалните потреби на своите домашни. И Јехова е таков. „Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“, рекол Исус (Матеј 6:25-34). А Јехова ветува: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евреите 13:5).

Една жена по име Нисе почувствувала колку се вистинити овие зборови кога маж ѝ останал без работа. Таа штотуку напуштила едно добро платено работно место за да им посвети повеќе време на своите две ќерки и на службата за Бог. Се прашувале како ќе преживеат. Таа му се молела на Јехова. Следниот ден, маж ѝ отишол во фирмата за да си ги земе своите работи. На негово големо изненадување, шефот му кажал дека се ослободило друго работно место и му го понудил! Така, маж ѝ на Нисе во еден ден ја изгубил работата, а веќе следниот ден повторно ја добил. Нисе и маж ѝ му се заблагодариле на својот небесен Татко за тоа. Она што им се случило нѐ потсетува дека Јехова, нашиот грижлив Татко, никогаш не ги заборава своите верни слуги.

Да бидеме благодарни за љубовта на нашиот Татко

Нема зборови со кои може да се опише неизмерната љубов на нашиот небесен Татко! Кога размислуваме за различните начини на кои ја покажува својата татковска љубов — со тоа што нѐ пофалува, сочувствува со нас, нѐ штити, нѐ укорува и се грижи за нашите физички потреби — неизбежно доаѓаме до заклучокот дека тој е најдобриот Татко што постои!

Како да покажеме дека сме благодарни за љубовта на нашиот небесен Татко? Можеме да дознаеме нешто повеќе за него и за неговата намера (Јован 17:3). Можеме да го доведеме својот живот во склад со неговата волја и мерила (1. Јованово 5:3). Исто како него, можеме и ние да покажуваме љубов кон другите (1. Јованово 4:11). На сите овие начини, можеме да покажеме дека го гледаме Јехова како наш Татко и дека ни е чест да бидеме негови деца.

[Фусноти]

^ пас. 3 Во Библијата, Јехова често се спомнува во улога на татко. На пример, во првите три евангелија можеме да видиме дека Исус го употребил зборот „Татко“ повеќе од 65 пати, а само во евангелието според Јован преку 100 пати. И Павле во своите писма преку 40 пати го нарекува Бог „Татко“. Јехова е наш Татко во таа смисла што ни го дал животот.

^ пас. 9 Види го 24. поглавје од книгата Приближи му се на Јехова, издадена од Јеховините сведоци. Ова поглавје е со наслов „Ништо не може да ‚нѐ одвои од Божјата љубов‘“.

[Истакната мисла на страница 19]

Колку подобро разбереме каков татко е Јехова толку повеќе ќе се зближиме со него и ќе го засакаме

[Истакната мисла на страница 22]

Можеме да покажеме дека го гледаме Јехова како наш Татко и дека ни е чест да бидеме негови деца

[Рамка/слики на страница 21]

ЈЕХОВА ЈА ПОКАЖУВА СВОЈАТА ТАТКОВСКА ЉУБОВ НА РАЗЛИЧНИ НАЧИНИ

ПОФАЛБА

СОЧУВСТВО

ЗАШТИТА

УКОР

ФИЗИЧКИ ПОТРЕБИ