Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сега го познавам Богот на кој му служам

Сега го познавам Богот на кој му служам

Кај нас дојде еден пентакостален евангелизатор за кого се велеше дека има моќ да лекува. Кога ме допре, ја изгубив свеста и паднав во транс. Кога си дојдов на себе, сфатив дека го имам она што го посакував — моќ да лекувам. Што доведе до тоа и како се одрази врз мојот живот? Пред да ви раскажам, дозволете ми да ви објаснам нешто повеќе за моето минато.

РОДЕНА сум во Илокос Норте (Филипините) на 10 декември 1968 год., како седмо од десет деца. Како и повеќето Филипинци, бевме католици. Завршив средно училиште во 1986 год., и многу сакав да станам медицинска сестра. Меѓутоа, тој сон не ми се оствари затоа што добив една тешка болест. Си мислев дека ќе умрам. Во длабок очај, го молев Бог да ми помогне и му реков дека, ако оздравам, ќе му служам цел живот.

Откако конечно оздравев, се сетив на ветувањето што му го дадов на Бог. Така, во јуни 1991 год., се запишав на Пентакосталната библиска школа. Се велеше дека преку наставата ќе се добие и „бесплатниот дар на светиот дух“. Јас сакав да имам моќ да лекувам. На школата учевме дека тоа може да се постигне со пост и молитви. Еднаш, за да оставам впечаток дека имам „дар“, скришно слушав како една од моите соученички гласно се молеше во еден ќош за време на молитва. Кога беше при крај, брзо се вратив на моето место каде што клечев на коленици. Потоа ѝ кажав за што точно се молеше и таа поверува дека го имам „бесплатниот дар“.

Додека траеше школувањето, ми се појавија многу прашања. На пример, во Матеј 6:9 се спомнуваат зборовите „Татко“ и „името твое“. Некои од прашањата што ги имав беа: „Кој е Таткото што го спомнал Исус?“ и „Чие име треба да се свети?“ Одговорите што ми ги даваа професорите честопати беа неодредени и не го задоволуваа мојот интерес. Тие зборуваа за тројството и велеа дека тоа е тајна. Сето тоа многу ме збуни. И покрај сѐ, продолжив да се школувам за да станам пастор.

Контакт со Јеховините сведоци

На Библиската школа нѐ учеа дека Јеховините сведоци ја шират најопасната лажна религија. Исто така, се сметаше дека тие се антихристот. Затоа, нивната религија ми стана многу одбивна.

За време на еден распуст, во втората година од моето школување, отидов дома за да се видам со татко ми и мајка ми. Една од моите постари сестри, Кармен, слушнала дека сум си дошла дома и дојде да се видиме. Таа беше Јеховин сведок и голем дел од времето посветуваше на службата на проповедање. Кога почна да ми зборува за Бог, бесно ѝ реков: „Јас веќе го познавам Богот на кој му служам!“ Откако гласно ја навредив, ја оттурнав и повеќе не ѝ дадов прилика да ми зборува.

Откако се вратив на Библиската школа, Кармен ми ја испрати брошурата Дали треба да се верува во Тројство? * Јас веднаш ја стуткав и ја фрлив во оган. Сѐ уште ѝ бев лута на сестра ми.

Станувам пастор

Додека учев на Библиската школа, успеав да придобијам неколку верници. Особено бев горда кога мајка ми и брат ми станаа пентакосталци како мене.

Во март 1994 год., ја завршив Пентакосталната библиска школа. Како што спомнав во почетокот, на доделувањето на дипломите беше присутен и еден евангелист кој дојде да ја посети нашата црква. Сите што дипломиравме сакавме да бидеме до него затоа што верувавме дека тој има дар да лекува. Му се придруживме на подиумот, скокајќи и плескајќи со рацете во ист такт. Потоа, секој што ќе го допреше тој, паѓаше во транс. * Кога ме допре и мене, и јас паднав и ја изгубив свеста. Кога си дојдов на себе ме фати страв, но почувствував дека имам моќ да лекувам и затоа бев многу среќна.

Кратко потоа ја употребив таа моќ да излекувам едно дете кое беше многу болно и имаше висока температура. Откако се помолив, детето веднаш почна да се препотува и температурата му помина. Конечно си помислив дека ќе можам да го исполнам ветувањето што му го дадов на Бог. Но, чудно беше тоа што однатре се чувстував празно. Длабоко во себе верував дека има само еден Бог, но не знаев точно кој е тој. Исто така, ме мачеа и сомневања во врска со многу учења на црквата.

Ја употребив таа моќ да излекувам едно дете кое беше многу болно и имаше висока температура

Што ми го смени мислењето

По тие настани им станав уште поголем непријател на Јеховините сведоци. Секогаш кога ќе најдев нивни публикации, ги горев во оган. Тогаш се случи нешто сосема неочекувано. Бев страшно изненадена кога дознав дека мајка ми повеќе не сака да биде пентакосталка. Кармен ја проучуваше Библијата со неа! Уште повеќе ѝ се налутив на сестра ми.

Потоа, кај мајка ми дома најдов еден примерок од списанието Разбудете се! Обично ги палев таквите списанија. Но, овојпат ми се разбуди љубопитноста и сакав да видам што е тоа што го чита во нив. Затоа го прелистав. Погледот ми се задржа на една статија за еден човек што цврсто верувал во она што го проповедала црквата. Меѓутоа, кога почнал да ја чита Библијата и публикациите на Сведоците, се уверил дека учењата за тројство, пекол и бесмртност на душата немаат никаква основа во Библијата. Бев многу трогната. Токму тие теми и јас сакав подобро да ги разберам. Од тој момент почнав да копнеам да ја разберам вистината од Библијата.

Во Разбудете се! прочитав уште една животна приказна за еден зависник од дрога и алкохол кој направил огромни промени затоа што ја проучувал Библијата. Тоа ме натера да почнам да читам и други публикации на Јеховините сведоци. Најдов примерок од брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш. * Откако ја прочитав, дознав дека Бог се вика Јехова. Бев многу среќна што конечно сфатив кој е единствениот вистински Бог! (5. Мојсеева 4:39; Еремија 10:10).

Бев многу среќна што конечно сфатив кој е единствениот вистински Бог!

Продолжив тајно да читам и дознав уште многу библиски вистини. На пример, на Пентакосталната школа ме учеа дека Исус е Бог, но од Библијата дознав дека тој е „Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:15, 16).

Промени во срцето

Кога повторно се видов со Кармен, беше изненадена што ѝ ја побарав брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш и некои други публикации. Поминав многу години на Пентакосталната библиска школа, но таму не ме учеле за вистината. Цело време сум била заслепена! Сега срцето ми играше од радост поради вистините што ги дознавав од Библијата. На своја кожа ги почувствував Исусовите зборови: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Тие вистини почнаа да ми го менуваат животот.

Тие вистини почнаа да ми го менуваат животот

Едно време си мислев дека ќе можам тајно да му служам на Јехова Бог и во исто време да бидам пастор. Меѓутоа, набргу сфатив дека повеќе не можам да ги поучувам другите за многу од црковните учења. Сепак, се плашев за некои работи. Како ќе заработувам за живот ако престанам да бидам пастор? И колкав срам би било за црквата ако еден од нејзините пастори стане Јеховин сведок! Затоа продолжив да поучувам како пастор, но избегнував да зборувам за лажните учења на црквата.

Кога повторно се видов со Кармен, таа ми предложи да отидам на еден состанок на Јеховините сведоци. Бидејќи обично одев во нашата матична црква во Лаоаг Сити, без ничие знаење ја побарав и Салата на Царството — место каде што се состануваат Јеховините сведоци. Таму се запознав со Алма Пресиоса Виљарин, која ја нарекуваа „Скапоцена“. Голем дел од времето таа посветуваше на проповедањето. Иако сѐ уште имав негативен став кон Сведоците, се согласив таа да ме поучува за Библијата.

Сестра ми беше многу стрплива кога ми зборуваше за библиските вистини. Истата стрпливост ја видов и кај Пресиоса. Таа многу ми помогна да ја разберам Библијата, иако понекогаш се вознемирував, се обидував да се расправам со неа, па дури и го кревав гласот инсистирајќи на некои работи за кои порано бев поучувана. Добрината, понизноста и благоста на Пресиоса и на другите Сведоци ме допреа длабоко до срце. Тоа ми роди желба да му служам на Јехова.

Во јули 1995 год., сфатив дека немам друг избор освен да престанам да бидам пастор. Зошто? Во Откровение 18:4, каде што симболично се зборува за лажната религија, пишува: „Излезете од неа, народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!“ Но, на кој начин ќе се издржував финансиски? Од Евреите 13:5 научив дека, ако ја вршиме неговата волја, Бог ветува: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“.

Иако татко ми и брат ми многу ми се противеа, две седмици пред да се крстам како Сведок, собрав храброст да отидам дома и да ги запалам сите предмети што ги користев како пастор. Тогаш сфатив дека повеќе ја немам онаа посебна моќ што ми беше дадена. Во минатото, кога спиев, чувствував дека нешто постојано ме притиска. Сега и тоа чувство повеќе го немам. Сенките што ги гледав на прозорецот од мојата соба никогаш повторно не се појавија. Од проучувањето на Библијата сфатив дека секој таканаречен дар во денешно време, како што е моќта да се лекува со чудо, не е од Бог туку од злите духови. Среќна сум што се ослободив од нивното влијание, исто како слугинката што Павле ја ослободил од еден „гатачки демон“ (Дела 16:16-18).

Многу сум радосна што, во септември 1996 год., јас и мајка ми се крстивме. Сега двете сме Јеховини сведоци! Откако се крстив, повеќе години голем дел од времето посветувам на проповедањето на добрата вест.

Се омажив за Силвер, и заедно се трудиме да ја воспитаме нашата ќерка за библиските вистини. И некои мои сестри сега му служат на Јехова. Иако жалам што многу години не го познавав Бог вистински, многу сум среќна што сега го познавам Богот на кој му служам.

^ пас. 10 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.

^ пас. 13 Ова е натприродна појава со која, како што се верува во некои религии, „светиот дух“ доаѓа врз верниците со толкава сила што тие паѓаат на земја.

^ пас. 18 Издадена од Јеховините сведоци.