„Историјата не лаже“
На 14 јуни 2007 год., Естонската државна пошта ја издаде комеморативната поштенска марка прикажана десно. При издавањето на оваа марка беше речено: „Овој сувенир е во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот врз Естонците од страна на Сталин“. Меѓу 1941 и 1951 год., десетици илјади Естонци беа присилно депортирани.
„ИСТОРИЈАТА не лаже.“ Ова е позната изрека во Естонија, а слични изреки постојат и во други земји. Точно, не можеме да го промениме минатото, но сигурно можеме да учиме од него. Мудриот цар Соломон од древниот Израел рекол: „Сето тоа го видов, и го насочив срцето кон сето она што се прави под сонцето — човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).
Силно сведоштво за вистинитоста на оваа изјава од Библијата можело да се види пред неколку децении во Естонија, како и во многу други земји од Источна Европа. Човечките влади им предизвикале страдања на безброј невини луѓе кои биле присилно депортирани во далечни места со цел да бидат раселени или затворени во работни логори.
Според историчарите од Естонија, од 1941 до 1951 год., од оваа мала земја биле депортирани преку 46.000 цивили. Повеќето од нив биле протерани поради нивната политичка определба, а други поради нивната националност или општествен статус. Меѓутоа, Јеховините сведоци биле депортирани поради нивните верски убедувања.
Напад врз еден побожен народ
Во едно соопштение за јавност што го издаде Универзитетот во Тарту во 2004 год., историчарот Ајџи Рахи-Там рекол: „Од 1948 до 1951 год., биле уапсени 72 Јеховини сведоци, вклучувајќи и луѓе кои биле на некој начин поврзани со нив. Меѓутоа, депортација од уште поголеми размери била извршена ноќта на 1 април 1951 год., и тоа не само во балтичките земји туку и во Молдавија, западна Украина и Белорусија“.
Пред 1951 год., Јеховините сведоци во Естонија биле апсени, психички малтретирани, испрашувани и затворани. Новиот бран на депортација очигледно бил јасен обид Јеховините сведоци потполно да бидат истребени од Естонија.
На поштенската марка што е прикажана погоре стои датумот 1 април 1951 год. Бројот 382 што е запишан на марката се однесува на бројот на Сведоци и нивни деца што биле депортирани тој ден. Во таа
бројка се вклучени и некои роднини и соседи кои не биле Сведоци. На истиот овој датум биле вршени апсења низ целата земја. Ноќта, оние што биле уапсени — и млади и стари — биле напикани во товарни возови за Сибир.Ела Тоум, * која во тоа време имала 25 години, била Јеховин сведок. Потсетувајќи се на едно вообичаено испрашување, таа раскажува: „Еден службеник се обиде да ме исплаши за да престанам да проповедам. Еднаш ме праша: ‚Сакаш ли да живееш? Или сакаш да умреш со твојот Бог на полињата во Сибир?‘“ Меѓутоа, Ела бестрашно продолжила да ја проповеда добрата вест. Таа била испратена во Сибир и потоа била префрлувана од еден во друг работен логор речиси шест години.
Меѓу стотиците лица што биле депортирани без судско сослушување имало и една друга млада жена Јеховин сведок, која се вика Хиси Лембер. Потсетувајќи се на настаните од 1 април 1951 год., таа рече: „Дојдоа сосема неочекувано среде ноќ и ни наредија: ‚Имате половина час за да се спакувате!‘“ Во таа глува доба, Хиси и нејзината шестгодишна ќерка биле одведени на железничката станица. Раскрцканиот воз патувал од станица до станица и собирал уште Сведоци. „Нѐ пикнаа во товарен вагон со кој се пренесувале животни. За среќа, изметот од животните беше замрзнат, инаку тешко дека ќе можевме да издржиме внатре. Бевме напикани исто како да сме животни“.
Напорното патување, кое траело две седмици, им оставило длабоки трауми. Товарните вагони биле пренатрупани и без никакви хигиенски услови. И младите и старите биле понижувани и срамотени на секаков можен начин. Некои плачеле и не сакале да јадат. Меѓутоа, Сведоците си помагале и се храбреле пеејќи духовни песни. Исто така, си ја делеле меѓусебе храната што ја имале. Биле испратени на „постојано место на живеење“ и им било речено дека нивното патување ќе биде „во еден правец“.
Хиси сѐ уште се сеќава на љубезната поддршка што ја добила од соверниците додека минувала низ оваа голгота: „На една станица возот запре веднаш до еден воз од Молдавија. Преку ѕидовите на вагонот чувме еден човек кој праша кои сме и каде одиме. Му објаснивме дека не знаеме каде одиме и дека сме Јеховини сведоци од Естонија. Сведоците во возот од Молдавија го чуја разговорот. Низ еден отвор на вагонот ни фрлија голем леб и суви сливи“. Хиси додаде: „Тогаш сфативме колку масовно ги апсат Јеховините сведоци — во сите републики на Советскиот Сојуз!“
Меѓу Јеховините сведоци имало и две сестри на тинејџерска возраст, Корина и Ени, кои биле одвоени од мајка им повеќе од шест години. Нивната мајка, исто така Јеховин сведок, била претходно уапсена и испратена во работнички логор. Таа озлогласена априлска ноќ, двете девојчиња биле сосила одведени од дома и качени во товарен вагон. Корина со благодарност се сеќава: „Во возот, една жена што беше Сведок и имаше две деца се понуди да нѐ чува и нѐ увери дека можеме да живееме заедно како една фамилија“.
Што се случило на крајот од патувањето? Еден ден откако стигнале во студената
сибирска пустина, започнал еден понижувачки „пазар на робови“. Доаѓале луѓе за да си изберат работници за своите фарми. Корина се сеќава: „Ги слушавме како се расправаат меѓу себе: ‚Ти веќе имаш возач за тракторот. Овој ќе биде за мене‘, или: ‚Јас веќе земав двајца од стариве. Треба и ти да земеш некој стар!‘“Корина и Ени биле храбри девојки. Тие подоцна рекоа: „Многу ни недостигаше мајка ни и силно копнеевме повторно да бидеме во нејзината топла прегратка!“ Сепак, задржале цврста вера во Јехова и смисла за хумор. Корина додаде: „Од една страна беше добро тоа што мајка ни не можеше да нѐ види, бидејќи понекогаш моравме да работиме надвор на студот во тенка облека“.
Нема никакво сомнение дека невини луѓе од Естонија и од други земји доживеале големи неправди, а меѓу нив биле и Јеховините сведоци како група. (Види ја рамката „Незамислив ‚бран на терор‘“.) И покрај таквото малтретирање и страдање во минатото, Јеховините сведоци во Естонија сѐ уште се активен и среќен народ.
Ни претстои светла иднина
Библијата нѐ уверува дека Јехова Бог ја мрази неправдата. Во неа пишува: „Секој што прави такво нешто, секој што прави неправда, му е одвратен на Јехова, твојот Бог“ (5. Мојсеева 25:16). Иако Бог дозволувал во минатото да се случуваат лоши работи, наскоро ќе дојде време кога ќе им стави крај на неправдите и злобата. Псалмистот рекол: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).
Да, ни претстои светла иднина! Иако не можеме да го смениме минатото, можеме да преземеме чекори за да имаме убава иднина. Зближи се со Бог и дознај како можеш и ти да имаш прекрасна иднина, во која ќе цвета вистинската праведност (Исаија 11:9).
^ пас. 10 Животната приказна на Ела Тоум е објавена во Разбудете се! од април 2006, страници 20-24.