Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се преброди разводот

Како да се преброди разводот

„Се чувствував како да ме прегазил воз. Си мислиш дека сѐ е во ред со твојот живот, но одеднаш ти се урива целиот свет“ (МАРК, a разведен една година).

„Маж ми имаше врска со жена која беше на иста возраст со нашата ќерка. Кога се разведовме, од една страна ми беше полесно затоа што се ослободив од неговото агресивно однесување, но од друга страна се чувствував понижено и безвредно“ (ЕМЕЛИН, разведена 17 години).

Некои луѓе се разведуваат со надеж дека ќе имаат подобар живот, а други сакаат да си го зачуваат бракот, но не можат да го натераат сопружникот да остане со нив. Сепак, речиси сите што се развеле сфатиле дека животот им станал многу потежок отколку што мислеле. Ако си разведена од неодамна, можеби и ти сфаќаш дека разводот е една од најтешките работи што ти се случиле во животот. b Затоа, да разгледаме некои корисни совети од Библијата кои можат да ти помогнат да ги надминеш предизвиците што со себе ги носи разводот.

ПРВ ПРЕДИЗВИК: НЕГАТИВНИ ЧУВСТВА.

Можеби си под огромен притисок поради финансиските проблеми, подигањето на децата или поради осаменоста. Овие чувства не исчезнуваат секогаш брзо. Психологот Џудит Валерстајн дошла до заклучок дека, дури и со години по разводот, некои сѐ уште се чувствуваат изневерени и отфрлени. Затоа сметаат дека „животот носи само неправди, разочарувања и осаменост“.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

  • Не ја потиснувај тагата. Можеби ти недостасува и сѐ уште го сакаш твојот поранешен сопружник. Дури и ако бракот ви бил лош, можеби тагуваш поради тоа што не си го добил она што си го очекувал (Изреки 5:18). Библијата покажува дека воопшто не е погрешно да плачеш (Проповедник 3:1, 4).

  • Не се изолирај премногу. Иако понекогаш ќе сакаш да бидеш сама со своите чувства, не е мудро тоа да трае долго (Изреки 18:1). Труди се да зборуваш за убави и позитивни работи со пријателите. Ако често им се жалиш од поранешниот сопружник, макар и да е тоа оправдано, тие може да се чувствуваат непријатно во твое присуство. Ако треба да донесеш некои важни одлуки кратко по разводот, побарај совет од некој во кого имаш доверба и кој реално ги согледува работите.

  • Чувај си го здравјето. Честопати, стресот од разводот може да биде причина за некои здравствени проблеми, како на пример, висок крвен притисок и мигрена. Храни се здраво, вежбај и спиј доволно (Ефешаните 5:29).

  • Фрли ги работите кои ти го разгоруваат гневот кон поранешниот сопружник или повеќе не ти се потребни, но чувај ги важните документи. Ако некои работи, како на пример, сликите од свадбата, ти предизвикуваат болка, спакувај ги и чувај ги за твоите деца.

  • Бори се против негативните мисли. Олга, која се развела од маж ѝ поради тоа што ја изневерил, рекла: „Се прашував: ‚Во што е подобра таа од мене?‘“ Но, подоцна сфатила дека, ако постојано низ главата ѝ се вртат негативни мисли, тоа може да ѝ го скрши духот (Изреки 18:14).

    На многумина им е полесно да си ги средат мислите ако запишуваат како се чувствуваат. Ако и ти решиш да го правиш тоа, потруди се секоја негативна мисла да ја замениш со позитивна (Ефешаните 4:23). На пример:

    Мислев: Јас сум виновна што маж ми ме изневери.

    Ќе мислам: Тоа што правам грешки не му дава право да ме изневери.

    Мислев: Најубавите години си ги потрошив со погрешен човек.

    Ќе мислам: Гледај напред, животот продолжува.

  • Не им придавај значење на коментарите што те повредуваат. Пријателите и роднините може добронамерно да кажат работи што ќе те повредат или што не се точни во твојот случај. На пример: ‚И онака не беше за тебе‘ или ‚Бог го мрази разводот‘. c Библијата дава убав совет: „Не земај го присрце секој збор што ќе го кажат луѓето“ (Проповедник 7:21). Мартина, која се развела пред две години, вели: „Наместо постојано да размислувам за зборовите кои ме повредуваат, се трудам да гледам на работите како што гледа Бог. Неговите мисли се далеку помудри од нашите“ (Исаија 55:8, 9).

  • Моли му се на Бог. Тој нѐ поттикнува ‚сите свои грижи да ги фрлиме на него‘, особено кога минуваме низ тежок период (1. Петрово 5:7).

ПРЕДЛОГ: Запиши си некои библиски стихови кои те охрабруваат и те тешат и стави ги на места каде што често ќе поминуваш и ќе ги погледнуваш. Освен стиховите кои веќе беа наведени во оваа статија, на многу луѓе кои се развеле им помогнале и следниве стихови: Псалм 27:10; 34:18; Исаија 41:10 и Римјаните 8:38, 39.

Божјата Реч ќе ти помогне да ги пребродиш тешките периоди

ВТОР ПРЕДИЗВИК: ОДНОСОТ СО ПОРАНЕШНИОТ СОПРУЖНИК.

Џулијана, која била во брак 11 години, рекла: „Го молев маж ми да остане. Но, откако си замина, им бев многу лута нему и на жената со која почна да живее“. Многумина што се развеле чувствуваат голем гнев кон својот поранешен сопружник дури и со години по разводот. Сепак, во некои случаи мораат редовно да контактираат, на пример, ако имаат деца.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

  • Остани во пријателски односи со поранешниот сопружник. Разговарајте само за она што е неопходно и трудете се тие разговори да бидат кратки. Многумина увиделе дека ваквиот однос придонел да се зачува мирот (Римјаните 12:18).

  • Не го навредувај другиот. Дури и кога се чувствуваш навреден, примени го библиското начело: „Оној што е воздржан во своите зборови, навистина е мудар“ (Изреки 17:27). Ако некој разговор излезе од контрола и не води никаде, би можел да речеш: „Ќе размислам за ова што ми го кажа и ќе разговараме повторно“.

  • Секој од вас нека си ги преземе своите обврски — правни, финансиски и други.

ПРЕДЛОГ: Следниот пат кога ќе разговараш со твојот поранешен сопружник, обрни внимание на тоа дали некој од вас се чувствува нападнат или станува нефлексибилен. Ако е потребно, одложете го разговорот или договорете се да го продолжите преку имејл (Изреки 17:14).

ТРЕТ ПРЕДИЗВИК: ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ДЕЦАТА ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ.

Марија раскажува што се случило веднаш по разводот: „Помалата ќерка постојано плачеше и повторно почна да мокри в кревет. А поголемата се трудеше да ги скрие своите чувства, но забележав дека не ѝ беше сеедно“. За жал, можеби немаш доволно време или сили да им помогнеш на твоите деца токму кога најмногу им требаш.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

  • Поттикни ги децата отворено да зборуваат со тебе за нивните чувства, дури и ако мислиш дека ќе кажат некои „непромислени“ зборови (Јов 6:2, 3).

  • Не очекувај детето да преземе улога на возрасен. Иако ти изгледа дека може да те разбере и да те утеши, не е фер и не е добро за него да се справува со проблемите на возрасните (1. Коринќаните 13:11). Не му зборувај на детето за твоите проблеми и не го користи како посредник меѓу тебе и твојот поранешен сопружник.

  • Потруди се животот на детето да остане исполнет. Ако е можно, продолжете да живеете на истото место и задржете ја истата рутина. Сепак, најважно е да задржите добри духовни навики, како што се читањето на Библијата и редовното проучување (5. Мојсеева 6:6-9).

ПРЕДЛОГ: Во текот на оваа седмица, најди време да ги увериш твоите деца дека ги сакаш и дека тие не се виновни за разводот. Ако имаат прашања, одговарај на нив без да го обвинуваш другиот родител.

Животот продолжува и после разводот. Мелиса, која била во брак 16 години, вели: „Кога се разведов, си реков: ‚Не ни помислував дека животот ќе ми биде ваков‘“. Сепак, денес Мелиса е среќна и покрај сѐ. Таа додава: „Откако престанав да се обидувам да го сменам минатото, почнав да се чувствувам многу подобро“.

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

b Иако во оваа статија се користи женски род, советите важат и за двата пола.

c Бог мрази развод добиен на подмолен начин. Но, ако еден од брачните партнери направи прељуба, Бог му дава право на изневерениот сопружник да одлучи дали ќе се разведе или не (Малахија 2:16; Матеј 19:9).

ПРАШАЈ СЕ...

  • Дали си дадов доволно време за да го преболам разводот?

  • Како да се ослободам од огорченоста што сѐ уште ја чувствувам кон мојот поранешен сопружник?