Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА

„Прогласена за праведна поради делата“

„Прогласена за праведна поради делата“

РААВ погледнала низ прозорецот. Зраците на раното утринско сонце ја осветлувале рамнината што го опкружувала Ерихон. Можела да ги види четите на војската на Израел што биле собрани таму. И тоа утро почнале да го обиколуваат градот. Под нивните нозе се кревал прав, а звукот на роговите во кои трубеле одекнувал продорно низ воздухот.

Ерихон бил градот во којшто живеела Раав. Таа добро ги познавала неговите улици, куќи, пазари и дуќани. А уште подобро ги познавала неговите жители. Ѝ било јасно дека нивниот страв сѐ повеќе растел откако шест дена претходно Израелците почнале со својот необичен ритуал — еднаш дневно да го обиколуваат градот. Но, звукот што одекнувал низ улиците и плоштадите на Ерихон и ги фрлал во очај неговите жители, воопшто не ја плашел Раав.

Од својот прозорец, Раав можела да ги види свештениците кои го носеле ковчегот што го симболизирал присуството на Јехова, Богот на Израелците. Неколку свештеници трубеле во рогови, а пред нив и по нив оделе вооружени воини. Потоа Раав погледнала во црвената врвца што висела од прозорецот на нејзината куќа која се наоѓала на врвот од градскиот ѕид. Таа врвца ја потсетувала на ветувањето дека таа и нејзиното семејство ќе го преживеат уништувањето на градот. Дали Раав била предавник? Сигурно не во очите на Јехова, кој ја сметал за жена со извонредна вера. Но, да видиме како Раав се нашла во таква ситуација и што можеме да научиме од неа.

БЛУДНИЦАТА РААВ

Раав била блудница. Овој непријатен факт толку бил неприфатлив за некои изучувачи на Библијата што почнале да тврдат дека таа била само гостилничарка. Но, Библијата не ги разубавува фактите (Исус Навин 2:1; Евреите 11:31; Јаков 2:25). Во ханаанското општество, професијата на Раав веројатно се сметала за нешто нормално. Сепак, културата не може секогаш потполно да ја затапи совеста — нашето вродено чувство за исправно и погрешно, кое ни го дал Јехова (Римјаните 2:14, 15). Раав можеби се срамела од она што го правела. Како што е случај и со мнозина кои водат таков живот денес, можеби немала друг начин за да го прехрани семејството.

Без сомнение Раав сакала да има поинаков живот. Земјата во која живеела била полна со насилство и изопаченост, а инцестот и содомијата биле секојдневие (3. Мојсеева 18:3, 6, 21-24). Главната вина за таквата состојба лежела во религијата. Во обредите што се вршеле во храмовите била вклучена проституција, а на демонските богови, како што биле Ваал и Молох, им биле принесувани деца така што биле живи спалувани.

Јехова не бил слеп пред она што се случувало во Ханаан. Всушност, поради бројните сурови обичаи на Ханаанците, тој рекол: „Земјата е нечиста, па ќе ја казнам за нејзините престапи, и земјата ќе ги изблуе своите жители“ (3. Мојсеева 18:25). Каква била казната за нивните престапи? Јехова го објаснил тоа кога во една прилика на Израелците им рекол: „Јехова, твојот Бог, постепено ќе ги истерува од пред тебе тие народи“ (5. Мојсеева 7:22). Неколку века претходно, Јехова ветил дека таа земја ќе им припадне на потомците на Авраам, а „Бог... не може да лаже“ (Тит 1:2; 1. Мојсеева 12:7).

Освен тоа, Јехова одредил некои народи од таа земја да бидат потполно истребени (5. Мојсеева 7:1, 2). Како праведен ‚Судија на целата земја‘, тој можел да види што има во срцето на секој човек и добро знаел колку злобни и расипани биле тие народи (1. Мојсеева 18:25; 1. Летописи 28:9). Како ѝ било на Раав да живее во еден град кој бил осуден на уништување? Можеме да си замислиме како се чувствувала кога го слушнала она што се зборувало за израелскиот народ. На пример, дознала дека Богот на овој народ извојувал целосна победа над Египет — најмоќната воена сила во тоа време, иако дотогаш Израелците биле робови во таа земја. А сега, истиот тој народ се спремал да го нападне Ерихон! Сепак, луѓето од овој град не престанале со својата злоба. Не е ништо чудно што Библијата вели дека Ханаанците биле ‚непокорни‘ (Евреите 11:31).

Но, Раав била поинаква. Низ годините, таа веројатно размислувала за она што го слушала за Израелците и за нивниот Бог, Јехова. Колку поинаков бил Јехова од ханаанските богови! Тој се борел за својот народ наместо да го угнетува, го подигал моралот на оние што му служеле наместо да ги тера на валкани постапки. Овој Бог имал ценење за жените и не ги сметал за сексуални објекти, нешто што може да се купи, да се продаде и да се користи во понижувачки верски ритуали. Кога Раав слушнала дека Израелците биле улогорени од другата страна на реката Јордан спремни да нападнат во секој момент, сигурно ја фатило ужас. Помислила што би можело тоа да значи за нејзиниот народ. Дали Јехова ѝ обрнал внимание на Раав и дали го ценел тоа што не била како другите Ханаанци?

Многу луѓе денес се во слична ситуација како Раав. Тие се како фатени во стапица, водат живот без никакво достоинство и радост и се чувствуваат безвредни, како да се никој и ништо. Она што го доживеала Раав може многу да нѐ утеши затоа што покажува дека во Божји очи не сме безначајни. Сеедно колку безвредно се чувствуваме, Бог „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Тој е близу до сите на кои им е потребна утеха и надеж. Освен тоа, тој сака и може да им помогне ако покажат вера во него. Дали Раав покажала таква вера?

ГИ ПРИМИЛА ИЗВИДУВАЧИТЕ

Еден ден, кратко пред Израелците да почнат да го обиколуваат Ерихон, на вратата на Раав чукнале двајца непознати мажи. Тие сакале да поминат незабележано, но во градот владеела напната атмосфера и многумина имале широко отворени очи за да забележат ако се вовлечат некои израелски извидувачи. Остроумната Раав можеби веднаш сфатила кои се тие луѓе. Иако не било ништо необично непознати мажи да дојдат на нејзината врата, овие двајца не ги барале нејзините услуги, туку сакале само да преноќеваат.

Тие биле извидувачи од логорот на Израелците. Нивниот заповедник, Исус Навин, ги испратил за да утврдат кои се слабите и јаките точки на Ерихон. Тоа бил првиот, а можеби и најсилниот ханаански град кој Израелците требало да го нападнат. Исус Навин сакал да знае каков предизвик лежи пред нив. Без сомнение, извидувачите намерно ја избрале куќата на Раав бидејќи мислеле дека во домот на една блудница секој непознат би можел да помине незабележано. Исто така, можеби се надевале дека ќе успеат да наслушнат некои важни информации.

Библијата вели дека Раав ‚гостољубиво ги примила извидувачите‘ (Јаков 2:25). Иако можеби претпоставувала кои се и зошто дошле, им дозволила да останат кај неа. Можеби сакала да дознае нешто повеќе за нивниот Бог, Јехова.

Но, одеднаш пристигнале гласници испратени од царот на Ерихон! Во градот се расчуло дека во куќата на Раав дошле израелски извидувачи. Што ќе било најдобро да направи Раав? Ако ги заштитела тие двајца туѓинци, ќе се довела во опасност себеси и своето семејство. Жителите на Ерихон би можеле да ги убијат затоа што ги штителе нивните непријатели. Од друга страна, Раав веќе не се сомневала во тоа кои биле тие двајца луѓе. Бидејќи веќе знаела колку подобар Бог е Јехова од нејзините богови, ова било идеална можност да застане на негова страна!

Раав немала многу време за размислување, но била досетлива и веднаш презела нешто. Ги скрила извидувачите под стебленцата лен што биле спрострени да се сушат по рамниот покрив од нејзината куќа. Потоа, на војниците на царот им рекла: „Точно, тие луѓе дојдоа кај мене, но јас не знаев од каде се. Си отидоа на стемнување кога ги затвораа градските порти. Не знам каде отидоа. Брзо тргнете во потера по нив, зашто уште можете да ги стигнете!“ (Исус Навин 2:4, 5). Замисли си ја Раав како гледа во лицата на војниците додека исплашено се прашува дали ќе забележат дека срцето ѝ чука како лудо.

Раав си го ризикувала животот кога ги скрила Јеховините слуги под стебленцата лен

Измамата успеала! Војниците брзо тргнале во потера кон плитките места на Јордан (Исус Навин 2:7). Раав сигурно воздивнала со олеснување. Со едноставна тактика, ги упатила во погрешен правец злонамерните луѓе кои немале право да ја знаат вистината, а ги спасила слугите на вистинскиот Бог, Јехова.

Раав веднаш се вратила на покривот и им кажала на двајцата извидувачи што направила. Освен тоа, им открила една многу важна работа: Нејзиниот народ ја изгубил храброста. Оваа добра вест сигурно многу ги израдувала извидувачите. Злобните Ханаанци ги фаќал страв од моќниот израелски Бог, Јехова! Тогаш Раав кажала нешто што открива многу за нејзината вера. Таа рекла: „Јехова, вашиот Бог, е Бог горе на небото и долу на земјата“ (Исус Навин 2:11). Она што го чула за Јехова било доволно за да сфати една работа: можела да има доверба во Богот на Израелците. Таа поверувала во него.

Раав воопшто не се сомневала дека Јехова ќе му даде победа на својот народ. Затоа, молела за милост и побарала да бидат поштедени таа и нејзиното семејство. Извидувачите се согласиле, под услов Раав да ја чува тајната и да обеси црвена врвца од прозорецот на градскиот ѕид. Така војниците ќе можеле да ги спасат неа и нејзиното семејство (Исус Навин 2:12-14, 18).

Од Раав можеме да научиме една многу важна работа за верата. Како што пишува во Библијата, „верата се стекнува од слушање“ (Римјаните 10:17). Раав слушнала некои работи за моќта и правдата на Јехова Бог, па затоа покажала доверба во него. Денес, за Јехова знаеме многу повеќе. Дали уште подобро ќе го запознаеме и ќе стекнеме доверба во него на темел на она што го учиме од неговата Реч, Библијата?

ЅИДИШТАТА НА ГРАДОТ СЕ СРУШИЛЕ

Двајцата извидувачи ја послушале Раав и се спуштиле по ѕидот со помош на јаже кое висело од нејзиниот прозорец, а потоа скришно заминале кон планините. По стрмните падини северно од Ерихон имало многу пештери во кои извидувачите можеле да се скријат сѐ додека не било безбедно да се вратат во израелскиот логор и да ја однесат добрата вест што им ја кажала Раав.

Раав покажала вера во Богот на Израелците

Подоцна, жителите на Ерихон сигурно не можеле да си дојдат на себе од страв кога чуле дека Јехова со чудо ги запрел водите на реката Јордан и дека Израелците преминале по сувото речно корито (Исус Навин 3:14-17). Но, за Раав тоа било само уште еден доказ дека не згрешила што покажала вера во Јехова.

Потоа, Израелците почнале да го обиколуваат градот еднаш дневно, трубејќи во роговите. Тоа го правеле шест дена. Но, седмиот ден се случило нешто друго, како што беше опишано во почетокот на оваа статија. Израелците тргнале на изгрејсонце и, откако еднаш го заобиколиле градот, продолжиле да одат околу него уште неколкупати (Исус Навин 6:15). Што сакале да постигнат со тоа?

На седмиот ден, откако го заобиколиле градот седум пати, израелските војници запреле и престанале да дуваат во роговите. Одеднаш завладеала штама. Напнатоста во градот била неиздржлива. Кратко потоа, кога Исус Навин дал знак, израелските војници почнале гласно да викаат. Дали стражарите што стоеле на ѕидот на Ерихон се прашувале зошто Израелците само викаат, а не тргнуваат во напад? Ако било така, нивната недоумица не траела долго. Огромниот ѕид на кој стоеле почнал силно да се тресе. Потоа се распукал и сосема се срушил. Откако се расчистил правот, еден дел од ѕидот останал да стои. Куќата на Раав сѐ уште била на своето место — како споменик за верата на таа жена. Замисли си како се чувствувала кога видела дека Јехова ја заштитил! * Нејзиното семејство било спасено! (Исус Навин 6:10, 16, 20, 21).

И Израелците покажале ценење за верата на Раав. Кога виделе дека од урнатините на ѕидот се издигнува нејзината куќа, сфатиле дека Јехова ја заштитил таа жена. Раав и нејзиното семејство не биле погубени со другите жители на тој злобен град. Откако завршила битката, на Раав ѝ било дозволено да живее во близина на израелскиот логор. По некое време станала дел од израелскиот народ и се омажила за Салмон. Нивниот син, Вооз, станал човек кој имал голема вера во Јехова. Тој се оженил со Моавката Рут * (Рут 4:13, 22). Цар Давид, а подоцна и самиот Месија, Исус Христос, потекнувале од ова верно семејство (Исус Навин 6:22-25; Матеј 1:5, 6, 16).

Од животот на Раав можеме да научиме дека никој од нас не е безвреден во Јеховините очи. Тој го гледа секого од нас, ги чита нашите срца и се радува кога во нив ќе види макар и малку вера која може да порасне, како што пораснала во срцето на Раав. Таа вера ја поттикнала на дела. Како што пишува во Библијата, Раав била „прогласена за праведна поради делата“ (Јаков 2:25). Колку мудро би било да се угледаме на нејзината вера!

^ пас. 27 Интересно е што Јехова го почитувал договорот меѓу двајцата извидувачи и Раав.

^ пас. 28 Нешто повеќе за Рут и Вооз можеш да прочиташ во рубриката „Угледајте се на нивната вера“, во Стражарска кула од 1 јули и 1 октомври 2012.