Одговор на библиски прашања
Дали нашата планета постои со некаква цел?
Нашата планета е идеална за живот. Изобилува со вода, која е неопходна за да се одржува животот на неа. Наклонот на Земјината оска, нејзината ротација и нејзината орбита се толку прецизно ускладени што спречуваат океаните да замрзнат или да испарат. А атмосферата и магнетното поле ја штитат Земјата од смртоносните зрачења. Меѓусебната зависност на растителниот и животинскиот свет претставува вистинско чудо. Врз основа на сето тоа, многу луѓе заклучиле дека нашата планета е создадена со одредена цел. (Прочитај Исаија 45:18.)
Но, можеби се прашуваш: ‚Ако Земјата е создадена со убава цел, зошто има толку страдања и неправди?‘ (Прочитај 5. Мојсеева 32:4, 5.)
Дали ќе се исполни целта заради која постои нашата планета?
Земјата била создадена за да биде убав дом во кој луѓето ќе живеат среќно, ќе се почитуваат и ќе го сакаат својот Творец. Според тоа, човечкиот живот има повозвишена цел од животот на растенијата и животните. Можеме да сфатиме кој е нашиот Творец, да се восхитуваме на неговата љубов и правда и да ги покажуваме тие особини. (Прочитај Проповедник 12:13; Михеј 6:8.)
Нашиот Творец може да направи сѐ што ќе науми. Затоа можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ги отстрани страдањата и неправдите и ќе ја претвори нашата планета во совршен дом. (Прочитај Псалм 37:11, 29; Исаија 55:11.)