Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш ли да го видиш невидливиот Бог?

Можеш ли да го видиш невидливиот Бог?

„БОГ е дух“ и затоа не е видлив за човечкото око (Јован 4:24). Сепак, Библијата кажува дека некои луѓе, во извесна смисла, го виделе Бог (Евреите 11:27). Но, како? Зарем е возможно да го видиме „невидливиот Бог“? (Колошаните 1:15).

Ние сме во слична ситуација како некој човек што е слеп од раѓање. Дали затоа што е слеп не може да го разбере светот околу себе? Не мора да значи. Еден човек што е слеп ги прима информациите на различни начини кои му овозможуваат да си оформи слика за луѓето, предметите и настаните околу себе. Еден слеп човек еднаш рекол: „Видот не е во очите, туку во умот“.

Слично на тоа, иако не можеш да го видиш Бог со твоите дословни очи, можеш да го видиш со „очите на срцето“ (Ефешаните 1:18). Да разгледаме три начини на кои можеме да го „видиме“ Бог.

„ЈАСНО СЕ ГЛЕДААТ УШТЕ ОД СОЗДАВАЊЕТО НА СВЕТОТ“

Оној што е слеп обично има изострени сетила за слух и допир. Нив ги користи за да си создаде слика за работите што не може да ги види. Слично на тоа, ние можеме да ги користиме нашите физички сетила за да го испитуваме светот околу себе и за да си создадеме слика за невидливиот Бог што го создал. „Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20).

На пример, помисли на нашата планета. Како наш дом, таа е идеално создадена за да нѐ одржува во живот. Но, на неа има и многу работи што постојат само за да ни го разубават животот. Колку само се чувствуваме убаво кога ќе нѐ погали нежно ветре, кога ќе нѐ допре топол сончев зрак, кога ќе вкусиме сочен плод, или кога ќе чуеме весел птичји пој! Зар сите овие работи не покажуваат колку грижлив, нежен и дарежлив е нашиот Творец?

Што можеш да научиш за Бог од она што се гледа во вселената? Како прво, небесата ја откриваат неговата моќ. Поновите научни истражувања покажуваат не само дека вселената се шири туку и дека тоа ширење постојано се забрзува! Кога ќе погледнеш во ноќното небо, прашај се: ‚Кој е изворот на оваа енергија што го води ширењето и забрзувањето во вселената?‘ Библијата ни кажува дека Творецот има „голема моќ“ (Исаија 40:26). Творештвото ни покажува дека Бог е „Семоќниот“ — оној што е „возвишен во својата сила“ (Јов 37:23).

„ТОЈ ГО ОБЈАВИ“

Една мајка на две деца со оштетен вид вели: „Говорот е една од најважните работи преку која учат. Треба да им кажуваш сѐ што гледаш и слушаш и постојано да им објаснуваш што се случува кога сте излезени. Нивните очи си ти“. Слично на тоа, иако „ниту еден човек никогаш не го видел Бог“, Божјиот Син, Исус, „кој му е најблизок на Таткото, тој го објави“ (Јован 1:18). Како прв од сите созданија и како Божји единороден Син, Исус ни станал „очи“ со кои можеме да ѕирнеме во небото. Од него можеме најмногу да дознаеме за невидливиот Бог.

Да спомнеме неколку работи што Исус, кој поминал неброени векови со својот Татко, ги кажал за Бог:

  • Бог неуморно работи. „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17).

  • Бог ги знае нашите потреби. „Бог, вашиот Татко, знае што ви треба уште пред да го замолите“ (Матеј 6:8).

  •  Бог со љубов се грижи за нас. „[Вашиот] Татко кој е на небесата... дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45).

  • Бог го цени секого од нас. „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. А вам и секое влакно на главата ви е изброено. Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31).

ЧОВЕКОТ КОЈ БИЛ СЛИКА НА НЕВИДЛИВИОТ БОГ

Слепите луѓе честопати добиваат поинаква претстава за работите од луѓето што гледаат. Еден слеп човек можеби нема да си ја замисли сенката како темно место на кое нема сончева светлина, туку како свежо место на кое не допира сончевата топлина. Исто како што еден слеп човек не може да ја види ниту сенката ниту светлината, и ние не можеме сами да сфатиме каков е Јехова Бог. Затоа, Јехова ни испратил еден човек што совршено ги одразувал неговите особини и неговата личност.

Тој човек бил Исус (Филипјаните 2:7). Исус не само што објаснил каков е неговиот Татко, туку и ни покажал каков е тој. Филип, еден ученик на Исус, го замолил: „Господару, покажи ни го Таткото“. Тогаш Исус му одговорил: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:8, 9). Што можеш да „видиш“ за Таткото преку постапките на Исус?

Исус бил срдечен, понизен и пристаплив (Матеј 11:28-30). Неговата ведрина ги привлекувала луѓето кон него. Тој ја чувствувал нивната болка и ја делел нивната радост (Лука 10:17, 21; Јован 11:32-35). Додека ги читаш или слушаш библиските извештаи за Исус, вклучи ги сите свои сетила и живо претстави си ги настаните. Ако размислуваш за начинот на кој Исус постапувал со луѓето, ќе можеш да видиш колку прекрасна личност е Бог и ќе станеш поблизок со него.

ПОВЕЌЕ ДЕЛЧИЊА, ЕДНА СЛИКА

Еден автор го напишал следново во врска со тоа како едно слепо лице го доживува светот околу себе: „Слепиот добива делумни информации од неколку извори (допир, мирис, слух итн.), и на некој начин мора да ги склопи тие информации во една целина“. Слично на тоа, ако ги набљудуваш делата што ги создал Бог, ако читаш што кажал Исус за својот Татко и ако размислуваш за начинот на кој Исус ги покажал истите особини што ги има Бог, ќе можеш да составиш една прекрасна слика за Јехова. Тој ќе ти стане пореален.

Јов, еден човек од старо време, го доживеал токму тоа. Во почетокот тој зборувал, но ‚не го разбирал‘ она што го зборувал (Јов 42:3). Сепак, откако внимателно размислил за чудесните работи што ги создал Бог, Јов рекол: „Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“ (Јов 42:5).

‚Ако го бараш Јехова, ќе ти дозволи да го најдеш‘

Тоа можеш да го доживееш и ти. „Ако го бараш [Јехова], ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9). Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да го најдеш и да го запознаеш невидливиот Бог.