ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...
Кој го создал Бог?
Еден татко му раскажува на својот 7-годишен син: „Многу, многу одамна, Бог ја направил Земјата и сѐ што е на неа, а го направил и Сонцето, Месечината и ѕвездите“. Детето кратко се замислува, а потоа прашува: „Тато, а кој го направил Бог?“
„Никој не го направил Бог“, одговара таткото. „Тој постоел отсекогаш.“ Ваквиот едноставен одговор е доволен за ова седумгодишно дете. Но, како што расте, тоа прашање почнува повторно да му се врти во главата. Тешко му е да сфати како е можно некој да нема почеток, кога дури и вселената има почеток. ,Како настанал Бог?‘, се прашува.
Како одговара Библијата на ова прашање? Многу слично како таткото од примерот погоре. Библискиот писател Мојсеј напишал: „Јехова... пред да се родат планините, пред да ги создадеш земјата и копното, од век до век, ти си Бог“ (Псалм 90:1, 2). Слично на тоа, пророкот Исаија восхитено рекол: „Зарем не знаеш? Зарем не си чул? Јехова, Творецот на земните краишта, е вечен Бог“ (Исаија 40:28). А во писмото на Јуда за Бог е речено дека постоел „отсекогаш“ (Јуда 25).
Од овие стихови можеме да видиме дека Бог е „Царот на вечноста“, како што го нарекол апостол Павле (1. Тимотеј 1:17). Тоа значи дека Бог постоел отсекогаш, колку и да се враќаме во минатото. Исто така, тој ќе постои вечно и во иднина (Откровение 1:8). Според тоа, вечноста е клучно обележје на Семоќниот Бог.
Зошто е толку тешко да го сфатиме тоа? Затоа што поради нашиот ограничен животен век, ние имаме сосема поинаква претстава за времето од Јехова. Бидејќи Бог е вечен, за него илјада години се како еден ден (2. Петрово 3:8). Да наведеме еден пример: Може ли еден скакулец, кој како возрасна единка живее само околу 50 дена, да го сфати нашиот животен век долг 70 или 80 години? Тешко! Во Библијата пишува дека ние сме како скакулци во споредба со нашиот Величествен Творец. Дури и нашата способност да резонираме е ништо во споредба со неговата (Исаија 40:22; 55:8, 9). Затоа, не сме изненадени што човекот не може потполно да разбере некои аспекти од природата на Јехова.
Иако можеби ни е тешко да сфатиме дека Бог е вечен, тој факт е логичен. Ако некој друг го создал Бог, тогаш таа личност би била Творецот. Сепак, како што објаснува Библијата, Јехова е тој што ,создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Освен тоа, знаеме дека вселената не постоела отсекогаш (1. Мојсеева 1:1, 2). Како настанала? Логично е дека најнапред морал да постои нејзиниот Творец. Освен тоа, Творецот постоел и пред да настанат другите суштества обдарени со разум како, на пример, неговиот единороден Син и ангелите (Јов 38:4, 7; Колошаните 1:15). Значи, во почетокот постоел само тој. Бог не можел да биде создаден; не постоело ништо што можело да го создаде него.
Постоењето на човекот и на целата вселена сведочи за фактот дека постои и еден вечен Бог. Оној што ја создал бескрајната вселена и ги утврдил законите што управуваат со неа, мора да постоел отсекогаш. Само тој би можел да го создаде животот и сѐ друго (Јов 33:4).