Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОСИФ

„Како би можел да направам толку големо зло?“

„Како би можел да направам толку големо зло?“

ЈОСИФ вдишал од спарниот, топол воздух. Го почувствувал мирисот на лотосовите цветови и на другите водни растенија. Одел со еден караван трговци, кој минувал преку низините на огромната делта на реката Нил. Додека долгата низа од луѓе ги водела своите камили кон уште еден египетски град, одвреме-навреме ќе наидела на воден жерав или ибис, кои исплашено ќе одлетале. Јосиф повторно помислил на ветровитите ридови на Хеврон, кои останале стотици километри зад него. Во колку поинаков свет се наоѓал сега!

На врвовите од палмите и смоквите крескале мајмуни. Но, за Јосиф не бил ништо поразбирлив ни јазикот што го зборувале луѓето покрај кои минувале. Можеби се напрегал да разбере барем нешто од она што го слушал. А можеби се обидувал и да научи по некој збор. Немал никаква надеж дека еден ден ќе се врати дома.

Јосиф бил момче на 17 или 18 години, а се соочил со предизвици што не биле мали дури ни за еден возрасен човек. Неговите сопствени браќа, обземени од љубомора затоа што Јосиф му бил миленик на нивниот татко, за малку ќе го убиеле. Наместо тоа, им го продале на трговците (1. Мојсеева 37:2, 5, 18-28). Сега, по долгото патување кое траело неколку седмици, трговците станувале сѐ порасположени бидејќи се приближувале кон големиот град, каде што требало да го продадат Јосиф и нивната скапоцена стока и да имаат добра заработка. Што му помогнало на Јосиф да не се огорчи и да не изгуби волја за сѐ? И како можеме ние денес да спречиме животните удари и притисоци да ни ја скршат верата? За тоа можеме многу да научиме од Јосиф.

„ЈЕХОВА БЕШЕ СО ЈОСИФ“

„Јосиф го одведоа долу во Египет. И Египќанецот Петефри, дворјанин на фараонот, заповедник на телесната стража, го купи од рацете на Исмаелците, кои го беа одвеле таму“ (1. Мојсеева 39:1). Со овие зборови, библискиот извештај ни помага да си претставиме колкаво понижување претрпел овој млад човек кога бил продаден по вторпат. Со него се постапило како со обична трговска стока! Можеме да си го замислиме Јосиф како оди кон својот нов дом следејќи го новиот господар, кој бил египетски дворјанин, минувајќи низ раздвижените градски улици полни со тезги.

Дом! Тоа место ни оддалеку не наликувало на нешто што Јосиф би го нарекол свој дом. Тој пораснал во номадско семејство кое живеело во шатори и се грижело за своите стада овци. Но овде, богатите Египќани како Петефри живееле во раскошни куќи во светли бои. Според археолозите, древните Египќани многу сакале бујни, заградени градини во кои имало дрвја што држеле сенки, како и тивки езерца во кои растеле папируси, лотоси и други водни растенија. Некои куќи се наоѓале среде градина, со тремови каде што можело да се ужива во тивкото ветре, со високи прозорци за вентилација и со многу простории, меѓу кои и голема трпезарија и соби за слугите.

Дали Јосиф бил импресиониран од сиот тој раскош? Тешко! Многу поверојатно е дека се чувствувал како да е сам на светот. Египќаните зборувале поинаков јазик, имале поинаков стил на облекување и изглед и имале потполно различна религија. Тие обожавале голем број различни богови, се занимавале со окултизам и магии и посветувале многу големо внимание на сѐ што било поврзано со смртта и задгробниот живот. Но, една работа му помогнала на Јосиф да не го совлада осаменоста. Библијата ни кажува: „Јехова беше со Јосиф“ (1. Мојсеева 39:2). Јосиф сигурно му ги искажал своите најдлабоки чувства на својот Бог. Библијата вели дека „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Псалм 145:18). На кој друг начин Јосиф се зближил со својот Бог?

Овој млад човек не му подлегнал на очајот и си ја извршувал својата работа најдобро што можел. Така му дал основа на Јехова да го благослови и за кратко време ја придобил наклоноста на својот нов господар. Петефри увидел дека неговото домаќинство напредувало затоа што неговиот млад слуга го има благословот од Јехова, Богот на народот од кој потекнувал. Тој почнал многу да го цени Јосиф и еден ден го доверил целиот свој имот во рацете на ова способно момче (1. Мојсеева 39:3-6).

Јосиф е одличен пример за младите што му служат на Бог во денешно време. На пример, кога се на училиште, можеби понекогаш се чувствуваат како да се наоѓаат на „туѓа територија“ — во свет полн со окултизам, без надеж и без никаква перспектива. Ако и ти си во ваква ситуација, не заборавај дека Јехова не се променил (Јаков 1:17). Тој и понатаму е со оние што му се верни и радосно даваат сѐ од себе додека му служат. Нив богато ги благословува, а ќе те благослови и тебе.

Во меѓувреме, како што дознаваме од библискиот извештај, Јосиф почнал да станува возрасна личност. Веќе не бил момче, туку маж со „убава става и убаво лице“. Но, тоа носело многу опасности со себе, бидејќи физичката убавина честопати привлекува несакано и несоодветно внимание.

Вредниот Јосиф ѝ се допаднал на жена му на Петефри

„НЕ ЈА ПОСЛУША“

Јосиф бил чесен и верен човек, што тешко можело да се каже за жена му на Петефри. Во Библијата стои: „Жената на неговиот господар се загледа во Јосиф и почна да му вели: ‚Легни со мене!‘“ (1. Мојсеева 39:7). Дали Јосиф помислувал да попушти на желбата на оваа жена? Библијата не ни дава причина да заклучиме дека Јосиф немал никакви желби и нагони својствени за младите луѓе, или дека оваа жена, која како сопруга на богат и влијателен дворјанин сигурно можела да си дозволи најдобри третмани за убавина, не била физички привлечна. Дали Јосиф си размислувал дека неговиот господар нема ништо да дознае? Дали му претставувала искушение материјалната корист што ќе ја имал ако се согласел на таква врска?

Не знаеме какви сѐ мисли му поминале на Јосиф низ главата. Но, знаеме што имал во срцето. Тоа јасно се гледа од неговиот одговор: „Гледај, мојот господар не се грижи за ништо во куќата, и сѐ што има ми предаде в раце. Никој во оваа куќа не е поголем од мене, и тој не ми скрати ништо друго освен тебе, зашто си му жена. Па како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:8, 9). Замисли си го младиот Јосиф како искрено ги изговара овие зборови. Не можел дури ни да помисли да го направи она што го терала таа. Зошто?

Како што рекол Јосиф, неговиот господар имал доверба во него. Петефри му го доверил целиот свој дом и не му скратил ништо, освен својата жена. Зар би можел Јосиф да ја изневери таа доверба? Се згрозувал дури и од самата помисла на тоа! Но, нешто друго му било уште поодбивно — помислата да му згреши на својот Бог, Јехова. Од своите родители, Јосиф научил како гледа Јехова на бракот и на верноста меѓу брачните партнери. Јехова го основал првиот брак и јасно кажал каква е неговата намера. Мажот и жената требало да се приврзат еден кон друг и да станат „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Оние што би се обиделе да ја нарушат таквата врска, би си го навлекле Божјиот гнев. Затоа, оние што во минатото за малку ќе ја обесчестеле жената на Авраам, која му била пра-прабаба на Јосиф, како и жената на Исак, која му била баба на Јосиф, ќе пожнееле горки последици (1. Мојсеева 20:1-3; 26:7-11). Јосиф добро сфатил како гледа Јехова на брачната врска и не сакал да оди против тоа.

На жена му на Петефри не ѝ се допаднало она што го рекол Јосиф. Замисли — ја одбил еден обичен слуга, а згора на тоа нејзината понуда ја нарекол „големо зло“! Сепак, не се откажала лесно. Можеби поради повредената суета и гордост уште повеќе сакала да го промени неговото ‚не‘ во ‚да‘. Така покажала дух како Сатана, кој го искушал Исус. И Сатана не успеал, но наместо да се откаже, чекал „друг поволен момент“ (Лука 4:13). Затоа, верните луѓе треба да бидат цврсти и истрајни. Јосиф бил токму таков. Иако ситуацијата се повторувала „од ден на ден“, тој не попуштил. Како што ни кажува Библијата, Јосиф ‚не ја послушал‘ (1. Мојсеева 39:10). Сепак, жената на Петефри била решена да го заведе по секој цена.

Таа начекала момент кога во куќата немало ниту еден слуга. Знаела дека Јосиф мора да влезе внатре додека ја врши својата работа. Кога влегол, се обидела да го фати во замка. Го грабнала за облеката и почнала да го моли: „Легни со мене!“ Јосиф реагирал брзо. Се оттргнал од нејзиниот стисок за да побегне, но таа цврсто го фатила за наметката. За да се ослободи, ја оставил наметката во нејзините раце и брзо избегал! (1. Мојсеева 39:11, 12).

Можеби ова нѐ потсетува на советот од апостол Павле: „Бегајте од блуд!“ (1. Коринќаните 6:18). Колку убав пример им оставил Јосиф на сите вистински христијани! Без да имаме избор, можеби често сме опкружени со луѓе што не ги почитуваат Божјите морални закони. Сепак, тоа не значи дека мораме да подлегнеме на нивното влијание. Понекогаш, ќе мора да избегаме по секоја цена.

Во случајот на Јосиф, цената била многу висока. Жена му на Петефри сакала одмазда. Веднаш почнала да вика на сет глас и тогаш во куќата дошле и другите слуги. Рекла дека Јосиф се обидел да ја силува и дека побегнал кога почнала да вика. Ја држела неговата наметка како доказ и чекала да се врати маж ѝ. Кога Петефри си дошол дома, му ја кажала истата лага и го набедила дека е негова вина што го донел тој туѓинец во нивната куќа. Како реагирал Петефри? Во Библијата читаме: „Пламна од гнев!“ Тогаш го фрлил Јосиф во затвор (1. Мојсеева 39:13-20).

„СО ПРАНГИ МУ ГИ СТЕГНАА НОЗЕТЕ“

Не знаеме многу за тоа какви биле египетските затвори во тоа време. Според урнатините што ги пронашле археолозите, затворите биле како големи тврдини со ќелии и зандани. Подоцна Јосиф го опишал тоа место со еден збор кој значи „јама“, што покажува дека тоа било место на мрак и очај (1. Мојсеева 40:15; фуснота). Од Псалмите дознаваме дека Јосиф бил измачуван и на друг начин: „Со пранги му ги стегнаа нозете, во железни синџири се најде душата негова“ (Псалм 105:17, 18). Египќаните понекогаш ги ставале затворениците во окови што им ги приклештувале рацете одзади кај лактите, а на други им ставале железни обрачи околу вратот. Јосиф сигурно многу го болела мислата што бил малтретиран без да заслужи!

Што е уште полошо, она што го снашло не траело кратко. Извештајот ни кажува дека Јосиф ‚останал во затворот‘. Поминал години во тоа ужасно место! * А не знаел ни дали до крајот на животот ќе излезе оттаму. Кога мачните денови почнале да стануваат седмици, па месеци, што му помогнало да не падне во очај и да не изгуби секаква надеж?

Библијата ни дава многу охрабрувачки одговор на ова прашање: „Јехова и понатаму беше со Јосиф и беше милостив кон него“ (1. Мојсеева 39:21). Ниту затворски ѕидови, ниту тешки окови, ниту мрачни зандани не можат да спречат милоста и љубовта на Јехова да допрат до неговите слуги (Римјаните 8:38, 39). Јосиф сигурно му ја искажал маката на својот драг небесен Татко во молитва, а потоа почувствувал мир и спокојство што може да ги даде само „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3, 4; Филипјаните 4:6, 7). Што друго направил Јехова за Јосиф? Се погрижил тој „да најде милост во очите на затворскиот управител“.

Очигледно затворениците добивале работа. Јосиф вредно си ја извршувал и затоа Јехова повторно можел да го благослови. Јосиф вложувал многу труд и давал сѐ од себе за добро да ја изврши секоја задача што му била доверена, а останатото му го препуштал на Јехова. Јехова го благословил, и Јосиф стекнал доверба и почит, исто како во домот на Петефри. Во извештајот читаме: „Затворскиот управител му ги предаде в раце на Јосиф сите затвореници што беа во затворот, и тој беше одговорен за извршувањето на сите работи што тие ги работеа таму. Затворскиот управител повеќе не мораше да надгледува ниту една работа што беше во негови раце, зашто Јехова беше со Јосиф, и Јехова го круниса со успех сето она што тој го работеше“ (1. Мојсеева 39:22, 23). Колку утешна за Јосиф мора да била мислата дека Јехова се грижи за него!

Јосиф добро си ја извршувал работата во затворот и Јехова го благословил

И нам животот може да ни донесе една по друга мака, па дури и сурови неправди, но многу може да ни помогне примерот на верниот Јосиф. Ако сесрдно му се молиме на Јехова, ако сме послушни на неговите заповеди и ако се трудиме да го правиме она што е исправно во негови очи, тој ќе може да нѐ благослови. Што се однесува до Јосиф, Јехова подготвил уште поголеми благослови за него, како што ќе видиме во следната статија од оваа рубрика.

^ пас. 23 Библијата покажува дека Јосиф имал околу 17 или 18 години кога почнал да служи во куќата на Петефри и веројатно останал таму неколку години, сѐ додека не станал повозрасен. Кога излегол од затвор, имал 30 години (1. Мојсеева 37:2; 39:6; 41:46).