Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА И НАУКАТА

Науката и твојот живот

Науката и твојот живот

Според еден речник, наука е „систематско изучување на однесувањето и природата на материјалниот свет врз основа на набљудување, мерења и експерименти“. За сето тоа е потребна макотрпна работа, која честопати не ги дава посакуваните резултати. Научниците вршат експерименти и набљудувања со недели, месеци, па дури и со години. Понекогаш нивниот труд паѓа во вода, но во многу случаи е за доброто на човештвото. Да наведеме неколку примери.

Една европска фирма изработи направа од цврста пластика во која е вграден висококвалитетен филтер, со чија помош човек може да пие загадена вода без да се разболи. Ваквите филтри наоѓаат примена при природни катастрофи и беа користени кога Хаити беше погоден од земјотресот во 2010 год.

Високо над Земјата, мрежа од сателити го сочинуваат системот за глобално позиционирање (GPS), кој првобитно бил направен за воени цели. Овој систем им помага на возачите, пилотите, морнарите, па дури и на ловџиите и планинарите да стигнат до својата дестинација. Благодарение на научниците кои го измислиле овој систем, полесно ни е да стигнеме таму каде што сме тргнале.

Дали користиш мобилен телефон, компјутер или Интернет? Дали благодарение на современата медицина ти се подобрило здравјето или сосема си се излекувал од некоја болест? Дали патуваш со авион? Ова се само некои од благодетите од науката. Очигледно, таа има позитивно влијание врз нашиот живот.

ГРАНИЦИТЕ НА СОВРЕМЕНАТА НАУКА

Сакајќи да ги прошират своите видици, научниците навлегуваат сѐ подлабоко во тајните на природата. Нуклеарните физичари продреле дури до внатрешната градба на атомот, а астрофизичарите бараат докази кои ќе ги однесат милијарди години во минатото со цел да откријат како настанала вселената. Бидејќи откриваат сѐ повеќе за светот што нѐ опкружува, па стигаат дури и до невидливото и неопипливото, некои научници сметаат дека не би било тешко да го најдат Бог доколку тој навистина постои.

Некои видни научници и филозофи одат чекор подалеку — бараат „научен доказ дека Бог не постои“, како што се изразил научникот Амир Акзел. На пример, еден светски познат физичар изјавил дека „недостигот од докази за постоењето на Бог кој има значајна улога во вселената води до сосема логичен заклучок дека тој не постои“. Други, пак, велат дека Божјите дела запишани во Библијата се „чиста измислица“ и „прикаски за мали деца“. a

Меѓутоа, се наметнува прашањето: Дали науката знае доволно за природата за да може да изнесува категорични тврдења? Одговорот е не. Факт е дека науката отишла многу напред, но голем број научници признаваат дека сѐ уште има многу работи што не ги знаат и што веројатно никогаш нема да ги осознаат. Во врска со природата, физичарот и нобеловец Стивен Вајнберг вели: „Никогаш нема да дознаеме сѐ“. Британскиот кралски астроном, професор Мартин Рис, напишал: „Има работи што луѓето никогаш нема да ги разберат“. Всушност, поголемиот дел од природата — од најситната клетка до огромната вселена — сѐ уште е мистерија за современата наука. Да наведеме неколку примери:

  • Биолозите не ги разбирааат потполно процесите што се одвиваат во живите клетки. Науката сѐ уште не дала целосен одговор во врска со тоа како клетките трошат енергија, како создаваат протеини и како се делат.

  • Во секој момент од нашиот живот врз нас влијае гравитацијата. Сепак, за физичарите таа сѐ уште е нерешена загатка. Не им е потполно јасно како гравитацијата нѐ влече надолу кога ќе скокнеме или како ја држи Месечината во орбита околу Земјата.

  • Според проценките на космолозите, околу 95 отсто од составот на вселената е невидлив и не може да се регистрира со научните инструменти. Овој непознат дел тие го делат на две категории — темна материја и темна енергија — чија природа и понатаму останува тајна.

Во равенката за разрешување на тајните на природата има и други „непознати“ кои ги оставаат научниците со многу прашалници. Зошто е важно ова? Еден познат научник напишал: „Она што го знаеме е ништо во споредба со она што не го знаеме. Според мене, науката треба да нѐ исполни со восхит и да нѐ поттикне уште повеќе да осознаваме, а не да нѐ направи догматични“.

Затоа, ако се прашуваш дали науката ќе ја замени Библијата и ќе го побие верувањето во Бог, размисли за следново: ако интелигентните научници со своите моќни инструменти успеале да дојдат само до ограничени сознанија за природата, тогаш што е со сето она што не можат да го истражат? Дали едноставно треба да веруваме дека тие работи не постојат? Во Encyclopedia Britannica, на крајот од една опсежна статија за историјата и развојот на астрономијата, стои: „Иако астрономијата како наука постои подолго од 4.000 години, за вселената не знаеме многу повеќе од Вавилонците“.

Јеховините сведоци го почитуваат правото на секој човек да донесе одлука по ова прашање. Ние се трудиме да го следиме овој совет од Библијата: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Пробај и ти непристрасно да испиташ зошто може да се каже дека науката и Библијата не си противречат, туку се надополнуваат една со друга.

a Некои ја отфрлаат Библијата поради извесни поранешни и сегашни црковни учења, како што се верувањето дека Земјата е центар на вселената или дека Бог го создал светот за шест дена од по 24 часа. (Види ја рамката „ Библијата и научните факти“.)