Библијата на Бедел — мал чекор до поголемо разбирање на Божјата Реч
КОГА англискиот свештеник Вилијам Бедел отишол во Ирска во 1627 год., се соочил со една многу збунувачка ситуација. Иако во Ирска претежно живееле католици, таа била под власта на Британија која била протестантска земја. Протестантските реформатори веќе ја превеле Библијата на некои јазици кои се зборувале во Европа. Сепак, никој не презел иницијатива да ја преведе на ирски.
Бедел не сметал дека Ирците „мора да научат англиски за да можат да ја разберат Библијата“. Затоа решил да ја преведе Библијата на ирски јазик. Но, се соочил со жестоко противење, особено од протестантите. Зошто?
ПРОТИВ КОРИСТЕЊЕТО НА ИРСКИОТ ЈАЗИК
Бедел почнал самиот да учи ирски. Кога станал ректор на Тринити Колеџот во Даблин и бискуп на Килмор, ги поттикнувал студентите да го користат ирскиот јазик. Всушност, кралицата на Англија, Елизабета I, го основала Тринити Колеџот за да можат студентите да станат свештеници кои ќе ги поучуваат нејзините поданици за библиската порака на нивниот мајчин јазик. Бедел се обидел да го оствари тоа.
Во бискупијата Килмор поголемиот број луѓе зборувале ирски. Затоа Бедел настојувал да има свештеници кои зборуваат ирски. Тој упатил барање до локалните власти во склад со зборовите на апостол Павле запишани во 1. Коринќаните 14:19. Таму стои: „Во собранието попрво би кажал пет разбирливи збора за да ги поучам и другите, отколку десет илјади зборови на некој друг јазик“, односно на јазик што луѓето многу малку го разбираат.
Но, властите се обиделе на секој можен начин да го спречат Бедел во неговата намера. Според историчарите, некои од нив тврделе дека користењето на ирскиот јазик „ги поткопува темелите на државата“, а други тврделе дека „се коси со интересите на владата“. Некои сметале дека на Англија ѝ оди во прилог да го држи ирскиот народ во незнаење. Всушност, биле донесени закони со кои на Ирците им било забрането да го користат својот јазик и да ги држат своите обичаи, а им било наложено да го учат англискиот јазик и да ги држат англиските обичаи.
БЕДЕЛ СЕ ЗАФАТИЛ СО РАБОТА
Бедел не дозволил противењето да влијае врз него. Уште во почетокот на 1630-тите, почнал да го преведува на ирски јазик англиското издание на Библијата од 1611 год. King James Version. Тој сакал да направи превод на Библијата што ќе може да го разберат поголем број луѓе. Бедел сметал дека сиромашните луѓе нема да можат да го најдат патот што води до вечен живот сѐ додека Библијата е запечатена за нив (Јован 17:3).
Но, Бедел не бил првиот што имал ваков став. Околу 30 години претходно, еден друг бискуп,
Вилијам Даниел, сфатил колку е тешко луѓето да дознаат што учи Библијата ако таа е на „јазик што не им е познат“. Даниел ги превел на ирски јазик Христијанските грчки списи. Бедел ги превел Хебрејските списи. Во Библијата на Бедел биле вклучени неговиот превод и преводот што претходно го направил Вилијам Даниел. Таа била првата комплетна Библија на ирски. Во наредните 300 години не бил направен ниту еден друг превод на Библијата на ирски јазик.Бедел, кој бил изучувач на хебрејскиот јазик, повикал двајца луѓе, чиј мајчин јазик бил ирскиот, да му помогнат околу преведувањето од англиски на ирски. Во текот на преведувањето, Бедел, заедно со уште еден или двајца свои доверливи и вешти помошници, многу внимателно го проверувал и коригирал секој стих. Како поткрепа ги користеле италијанскиот превод направен од швајцарскиот теолог Џовани Диодати, грчката Септуагинта и еден древен хебрејски ракопис на Библијата.
Тие го следеле пристапот на преведувачите на изданието King James Version (сигурно многумина од нив Бедел ги познавал лично) и го вклучиле Божјето име, кое на келтски гласи „Iehovah“, на повеќе места во нивниот превод. Едно од тие места е 2. Мојсеева 6:3. Оригиналниот ракопис на Бедел е зачуван во Библиотеката на Марш во Даблин, Ирска. (Види ја рамката „Во сеќавање на Вилијам Бедел“.)
КОНЕЧНО ИЗДАДЕНА
Бедел го завршил преводот околу 1640 год. Но, не можел веднаш да го издаде. Зошто? Една работа е тоа што сѐ уште наидувал на отпор. Некои го наклеветиле главниот преведувач кој работел за Бедел со цел да го оцрнат преводот. Тие дури и лукаво сковале заговор за да го уапсат и
затворат. Згора на тоа, Бедел се затекнал среде еден крвав и жесток бунт против Англичаните кој избил во 1641 год. Некое време Ирците го штителе Бедел и покрај неговото англиско потекло затоа што сфатиле дека тој е искрено заинтересиран за нив. Сепак, по некое време бунтовниците го фрлиле во затвор во кој имало многу лоши услови. Без сомнение, тоа била причината за смртта на Бедел во 1642 год. За жал, тој не дочекал да го види своето дело отпечатено.Преводот за малку ќе бил уништен кога домот на Бедел бил ограбен и опустошен. Но, благодарение на еден негов пријател, сите преведени документи биле зачувани. По некое време, овие документи дошле во рацете на Нарцис Марш, кој подоцна станал надбискуп на Армаг и на католичката црква на Ирска. Тој добил парична помош од научникот Роберт Бојл и храбро ја издал Библијата на Бедел во 1685 год.
МАЛ, НО ЗНАЧАЕН ЧЕКОР
Библијата на Бедел не била дочекана со одушевување во целиот свет. И покрај тоа, таа била мал, но значаен чекор кој им помогнал на луѓето кои зборувале ирски — не само во Ирска туку и во Шкотска и на многу други места — подобро да ја разберат Библијата. Сега тие можеле да ги задоволат своите духовни потреби така што ќе ја читаат Божјата Реч на својот мајчин јазик (Матеј 5:3, 6).
„Кога ја прочитавме Библијата на Бедел, ги слушнавме зборовите запишани во Божјата Реч на нашиот мајчин јазик. Тоа беше пресудно за јас и моето семејство да ги дознаеме прекрасните вистини од Светото писмо“
Библијата на Бедел до ден-денес им помага на луѓето кои ја сакаат вистината да ги задоволат своите духовни потреби. Еден човек, чиј мајчин јазик е ирскиот и кој неодамна дознал што навистина учи Библијата, вели: „Кога ја прочитавме Библијата на Бедел, ги слушнавме зборовите запишани во Божјата Реч на нашиот мајчин јазик. Тоа беше пресудно за јас и моето семејство да ги дознаеме прекрасните вистини од Светото писмо“.