БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ
Сега можам да им помагам на другите
-
РОДЕН: 1981
-
ЗЕМЈА: ГВАТЕМАЛА
-
НЕКОГАШ: ИМАЛ ТРАГИЧНО ДЕТСТВО
МОЕТО МИНАТО:
Роден сум во Акул, едно зафрлено планинско гратче во западниот дел на Гватемала. Моето семејство припаѓа на народот Иксил, кој потекнува од Маите. Освен шпанскиот, го зборувам и јазикот на нашиот народ. Се родив при крајот на граѓанската војна во Гватемала која траеше вкупно 36 години. Многу луѓе од народот Иксил загинаа во оваа војна.
Кога имав четири години, брат ми, кој имаше седум години, си играше со една рачна граната која ненадејно експлодира. За жал, брат ми го изгуби животот, а јас го изгубив видот. По оваа несреќа, своето детство го поминав во една установа за слепи деца во главниот град, кој исто така се вика Гватемала. Таму научив Брајово писмо. Не знам зошто, но вработените ми забрануваа да се дружам со другите деца, и затоа децата ме избегнуваа. Поради тоа, постојано бев осамен. Секоја година, два месеца можев да си одам дома. Едвај чекав да дојде тоа време за да бидам со мајка ми, која многу ме сакаше. Но, таа почина кога имав 10 години. Тоа ми предизвика неопислива болка бидејќи останав без единствената личност што ме сакаше.
Кога наполнив 11 години, се вратив во родниот град и живеев со мојот полубрат и со неговото семејство. Тие се грижеа за моите физички потреби, но никој не можеше да ја пополни емоционалната празнина што ја чувствував. Понекогаш, со горчина во душата го прашував Бог: „Зошто умре мама? Зошто сум слеп?“ Некои луѓе ми кажуваа дека Бог сакал да биде така. Поради тоа си мислев дека Бог е суров и неправеден. Сакав да се самоубијам, ама не најдов начин.
Мојот хендикеп ме направи ранлив и во физички и во емоционален поглед. Како дете, бев сексуално злоупотребуван неколку пати. Никогаш не кажав за тоа бидејќи мислев дека на никој не му е грижа за мене. Освен тоа, немав со кого да разговарам бидејќи луѓето не сакаа да зборуваат со мене. Бев повлечен и тажен, и немав доверба во никого.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:
Кога имав 13 години, за време на еден школски одмор ми пристапи еден брачен пар Јеховини сведоци. Една наставничка, на која ѝ беше жал за мојата ситуација, ги замолила да зборуваат со мене. Сведоците ми кажаа дека во Библијата пишува дека во Исаија 35:5; Јован 5:28, 29). Ми се допадна она што го слушнав, но не ми беше лесно да разговарам со нив бидејќи дотогаш ретко зборував со некого. Сепак, и покрај тоа што бев многу повлечен, тие беа стрпливи и љубезни со мене. Продолжија да ме посетуваат и да ме поучуваат за Библијата. Овие Сведоци пешачеа повеќе од 10 километри преку планини за да дојдат кај мене.
иднина мртвите ќе воскреснат и слепите ќе прогледаат (Мојот полубрат ми рече дека овие луѓе се сиромашни, но сепак убаво облечени и чисти. Иако немаа многу во материјален поглед, секогаш ми даваа по некој мал подарок за да ми покажат дека им значам. Знаев дека само оние што се вистински христијани би покажале таква самопожртвуваност.
Ја проучував Библијата со помош на публикации на Брајово писмо. Иако добро го разбирав она што го учев, некои работи не допираа до моето срце. На пример, не можев да поверувам дека Бог се грижи за мене и дека има и луѓе што искрено ме сакаат. Освен тоа, иако знаев од кои причини Јехова привремено го допушта злото, не го гледав како Татко кој вистински нѐ сака. *
Сепак, со текот на времето, она што го учев од Библијата ми помогна да си го сменам гледиштето. На пример, дознав дека Бог има длабоко сочувство кон оние што страдаат. Во врска со своите слуги кои биле угнетувани, Бог рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ... добро ги знам нивните болки“ (2. Мојсеева 3:7). Кога дознав колку убави особини има Јехова, решив да му го посветам мојот живот. Во 1998 год., станав Јеховин сведок.
По една година, завршив курс за слепи лица кој се одржа во близина на градот Есквинтла. Еден старешина од собранието во тоа место дознал со какви предизвици се соочувам за да присуствувам на состаноците во мојот град. За да стигнам до најблиското собрание, требаше да одам по истиот пат по кој одеа Сведоците кои проучуваа со мене. Тоа воопшто не ми беше лесно. Со цел да ми помогне, старешината стапи во контакт со едно семејство од Есквинтла. Тие спремно ме примија во својот дом и ми помагаа да одам на состаноците. Ова семејство до ден-денес се грижи за мене како за свое родено дете.
Моите соверници покажуваат дека вистински ме сакаат и на многу други начини. Сето тоа ме уверува дека Јеховините сведоци се вистински христијани (Јован 13:34, 35).
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:
Веќе не се чувствувам безвредно и безнадежно. Сега мојот живот има смисла. Поголемиот дел од времето го минувам во проповедничкото дело што го извршуваат Јеховините сведоци. Тоа ми помага да мислам на другите луѓе и на скапоцените вистини од Божјата Реч, а не на мојот хендикеп. Освен тоа, имам чест да служам како старешина во моето собрание и да изнесувам библиски говори. Многу се радувам што имам можност да одржувам библиски говори и на регионалните конгреси на Јеховините сведоци на кои присуствуваат илјадници луѓе.
Во 2010 год., ја завршив Школата за организациско оспособување (сега наречена Школа за полновремени објавители) која се одржа во Ел Салвадор. Оваа школа ми помогна уште подобро да ги извршувам моите задачи во собранието. Тоа што имав можност да добијам обука ме увери дека Јехова многу ме цени и ме сака. Тој може да го оспособи секој човек да го врши неговото дело.
Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Иако никогаш порано не мислев дека е возможно, сега можам да им помагам на другите. Тоа ми носи вистинска среќа.
^ пас. 13 За да дознаеш зошто Бог го допушта злото, види го поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.