Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Мислев дека го живеам животот до максимум

Мислев дека го живеам животот до максимум
  • РОДЕН: 1982

  • ЗЕМЈА: ПОЛСКА

  • НЕКОГАШ: БИЛ НАСИЛЕН, СЕ ДРОГИРАЛ И САКАЛ УСПЕШНА КАРИЕРА

МОЕТО МИНАТО

Роден сум во едно мало гратче во Полска кое се наоѓа во близина на границата со Германија. Во местото каде што живеев имаше многу шуми и фарми. Имав спокојно детство. Моите родители ме воспитуваа да бидам добар човек, да бидам добар ученик и да изградам успешна кариера.

Но, моите проблеми започнаа кога се запишав на правен факултет во градот Вроцлав. Бидејќи бев далеку од семејството, се фатив со лошо друштво. Иако отсекогаш сакав фудбал, под влијание на моето ново друштво станав вистински фудбалски фанатик. Мојот омилен тим беше од Варшава и, за време на викендите, одев да ги гледам нивните натпревари без разлика каде играа. На тие патувања се опивавме, се дрогиравме и понекогаш се тепавме со навивачите од противничкиот тим. Сето тоа ми помагаше да се ослободам од стресот што го доживував, иако знаев дека, ако полицијата ме уапси, ќе треба да се збогувам со кариерата како правник.

Јас и моите другари многу сакавме да излегуваме по ноќни барови и дискотеки. Таму честопати учествувавме во тепачки. Неколкупати бев уапсен, но секогаш успевав да избегнам проблеми со законот. Понекогаш тоа го правев така што ги поткупував полицајците. Мислев дека го живеам животот до максимум. Сепак, длабоко во себе знаев дека тоа што го правам не е во ред. За да си ја смирам совеста, секоја недела одев во црква.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО СМЕНИ ЖИВОТОТ

Во 2004 год., на мојата врата дојдоа двајца Јеховини сведоци. Се согласив да зборувам со нив за Библијата. Колку повеќе учев за тоа што значи да се биде вистински христијанин толку повеќе ме измачуваше совеста. Знаев дека треба да престанам да се опивам, да се дрогирам и да се дружам со луѓе кои не живеат според библиските мерила. Бев свесен и дека треба да престанам со моето агресивно и насилно однесување. И покрај тоа што ми беше јасно дека треба да се сменам, пак си терав по старо.

Една ноќ се случи нешто што ми го смени животот. Се степав со осум души. Се сеќавам како лежев на улицата додека тие ме удираа со тупаници и ме клоцаа по главата. Мислев дека ќе умрам. Тогаш се помолив: „Јехова, многу ми е жал што не ги сфатив сериозно советите од твојата Реч. Ти ветувам дека, ако преживеам, ќе ја проучувам Библијата со Сведоците и ќе си го средам животот“. За чудо, преживеав и си го одржав ветувањето што му го дадов на Бог.

Во 2006 год., се преселив во Англија. Сакав да заработам доволно пари и да се вратам во Полска за да продолжам со образованието како правник. Додека ја проучував Библијата, еден стих ми остави силен впечаток. Апостол Павле рекол: „Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус мојот Господар. Поради него јас се согласив да изгубам сѐ и сето тоа го сметам за смет само да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8). Исто како мене, и апостол Павле имал завршено право и бил многу насилен (Дела 8:3). Сепак, тој сфатил дека постои подобар начин на живот — да му се служи на Бог и да се следи Исус. Тоа што размислував за примерот на Павле ми помогна да сфатам дека успешната кариера и насилното однесување не носат среќа. Си мислев, штом Павле можел да се смени, можам и јас. Затоа, одлучив да останам во Англија и да прекинам со понатамошните студии по право.

Колку повеќе го запознавав Јехова толку поблизок станував со него. Неговото ветување дека ќе им прости на оние што сакаат да се променат ме допре до срце (Дела 2:38). Кога размислував за зборовите од 1. Јованово 4:16, каде што пишува: „Бог е љубов“, почна да ми станува јасно зошто Бог го мрази насилството.

Сакав да бидам среќен како Сведоците

Освен тоа, бев восхитен од однесувањето на Сведоците. Беше очигледно дека се трудат да живеат во склад со високите морални мерила запишани во Библијата. И јас сакав да бидам среќен како нив. Откако успеав да надминам некои предизвици и да направам промени, во 2008 год. станав Јеховин сведок.

Јас и Естер сме многу радосни што можеме да ги поучуваме за Библијата луѓето што зборуваат полски

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Библијата ми помогна да се сменам. Порано бев амбициозен, насилен, фанатик за фудбал, се пијанчев и се дрогирав, а сега му служам на Бог и уживам да ги поучувам другите за Библијата. Сѐ уште сакам да гледам фудбал, но решен сум забавата да ја задржам на исправно место во животот.

Сега сум среќно оженет со Естер, која исто така му служи на Јехова. Многу сме радосни што можеме да ги поучуваме за Библијата луѓето во северозападна Англија што зборуваат полски. За прв пат се чувствувам исполнет. Имам чиста совест и вистинска смисла во животот.