Кога се родил Исус?
Што вели Библијата:
Библијата не ни го кажува точниот датум кога се родил Исус Христос. Тоа го потврдуваат и следниве две енциклопедии:
„Не се знае точниот ден на кој се родил Христос“ (New Catholic Encyclopedia).
„Датумот на Христовото раѓање е непознат“ (Encyclopedia of Early Christianity).
Иако Библијата не дава директен одговор на прашањето „Кога бил роден Исус?“, во неа се спомнати два настани поврзани со неговото раѓање поради кои многумина заклучиле дека не се родил на 7 јануари според јулијанскиот календар, односно на 25 декември според грегоријанскиот календар.
Не се родил во зима
Пописот на населението. Кратко пред да се роди Исус, цезарот Август издал наредба „да се попише целото население“. Секој требало да се попише „во својот град“. Тоа значело дека некои луѓе морале да патуваат цела седмица, па дури и подолго (Лука 2:1-3). Оваа наредба — која веројатно била издадена за полесно да се собираат даноци и да се врши регрутација за војска — не им се допаѓала на луѓето. Со оглед на ова, би било бесмислено цезарот Август дополнително да ја отежнува ситуацијата со тоа што би терал некои од своите поданици да тргнат на долг пат за време на студената зима.
Пастирите и нивните стада. Пастирите ,живееле надвор и чувале ноќна стража над своите стада‘ (Лука 2:8). Во книгата Daily Life in the Time of Jesus пишува дека овците престојувале под ведро небо од „седмицата пред Пасхата [на крајот од март]“ до средината на ноември. Во истата книга понатаму стои: „Тие ја поминувале зимата под покрив; самото ова покажува дека датумот на кој се слави Божиќ не може да биде точен затоа што, според евангелието, пастирите биле на пасиштата“.
Се родил во рана есен
Можеме да утврдиме кога бил роден Исус така што ќе сметаме наназад од денот на неговата смрт. Тој умрел за време на Пасхата, 14 нисан, пролетта 33 год. од н.е. (Јован 19:14-16). Исус имал околу 30 години кога почнал со својата служба која траела три и пол години. Значи, тој се родил во рана есен во 2 год. пр.н.е. (Лука 3:23).
Зошто Божиќ се слави на 7 јануари, односно на 25 декември?
Зошто Божиќ се слави на овој датум кога не постојат докази дека Исус Христос се родил тогаш? На пример, во Encyclopædia Britannica пишува дека црковните водачи најверојатно го избрале овој датум „за да се совпадне со еден пагански празник со кој во Римското Царство се славел ,роденденот на непобедливото Сонце‘“, за време на зимската краткодневица. Според The Encyclopedia Americana, многу изучувачи мислат дека тоа било направено за „христијанството да им биде попривлечно на паганските преобратеници“.