СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Поучи ги децата да не се откажуваат лесно
„Не можам!“ — плаче син ти. „Многу е тешко! Никогаш нема да научам!“ Малку потешка задача, и веднаш сака да се откаже. Не ти е сеедно да го гледаш како се мачи, но сакаш да го научиш како да ги совладува предизвиците. Што треба да направиш? Веднаш да му притрчаш на помош? Да го оставиш да се откаже? Или да го научиш на упорност?
Што треба да знаеш
Упорноста е многу важна. Кога родителите ги поучуваат своите деца да стекнат разни вештини со трудољубивост, поголема е веројатноста да им оди добро на училиште, да имаат подобро емоционално и физичко здравје и да имаат поцврсти и поблиски пријателства. Од друга страна, кога родителите ги штитат децата од тешкотии и неуспеси, поголема е веројатноста тие да бидат депресивни, да мислат дека не ги бива за ништо и да не се среќни како возрасни.
Детето може да научи да не се откажува лесно. Дури и мали деца можат да си ја зајакнат решеноста да ги надминат предизвиците и да ги решат проблемите. При едно истражување, истражувачите увиделе дека 15-месечни бебиња ќе вложат повеќе труд да направат нешто што им е тешко ако прво набљудуваат како еден возрасен човек се мачи да реши некоја задача, отколку да го гледаат како ја решава без никаков труд.
„Се сеќавам на времето кога ги учев моите ќеркички да си ги врзуваат чевлите. Тоа не е нешто што го учиш за еден ден. Секојпат кога требаше да си ги врзат чевлите, ќе седнеа и 10-15 минути сами се трудеа да ги врзат. И дури тогаш јас ќе им помогнев. Требаше неколку месеци, неколку пролеани солзи, но на крајот успеаја. Да, можев да си го олеснам животот ако им купев чевли без врвци. Но понекогаш, како родители, треба да бидеме истрајни и упорни за да ги научиме и децата да бидат истрајни и упорни“ (Колин).
Детето може да се навикне да оди по линија на помал отпор. Некои родители може ненамерно да им ги поткопаат упорноста и истрајноста на своите деца. Како? Сакајќи да им влеат самодоверба на децата, некои родители веднаш притрчуваат да ги „спасат“ од неуспех или од фрустрации. Но, со тоа не им прават услуга. Авторот Џесика Лејхи вели: „Секојпат кога ќе се вмешаме за да ги спасиме... децата од нешто што им е предизвик, им испраќаме многу јасна порака: не веруваме и немаме доверба дека можат, дека се способни да го направат тоа“. a Кој е резултатот? Кога во иднина ќе се соочат со некој предизвик, децата може многу брзо да се откажат затоа што сметаат дека им треба некој возрасен да ги спаси.
Што можеш да направиш
Учи го детето да биде трудољубиво. Родителите можат да ги научат своите деца да бидат упорни така што ќе им даваат некои задачи низ дома, во склад со нивната возраст. На пример, децата на претшколска возраста можат да си ги диплат алиштата или да си ги раскренат играчките. Малку поголемите деца можат да помогнат така што ќе го стават на место сето она што сме го испазарувале, ќе ја постават а потоа и ќе ја раскренат масата, ќе го фрлат ѓубрето и ќе избришат ако нешто се истурило. На тинејџерите може да им се дадат малку потешки задачи околу чистењето, одржувањето на домот и околу некои поправки. На децата можеби нема секогаш да им биде ќеф кога ќе добијат некоја задача, но за нивно добро е ако родителите од мали им даваат некакви обврски низ дома. Како ќе им користи тоа? Ќе стекнат работни навики кои, и како возрасни, ќе им помогнат да си ги вршат обврските, дури и кога се тешки.
Библиско начело: „Од секој труд има корист“ (Изреки 14:23).
„Немој да им даваш на децата задачи само колку за да бидат зафатени со нешто. Никој, дури ни едно дете, не го сака тоа. Дајте им да прават нешто што има смисла, нешто со што ќе помогнат. Ако децата се мали, дајте им да бришат прашина од површините што ги дофаќаат. Ако ја миеш колата, тие нека ги мијат пониските делови кои тебе ти е потешко да ги достигнеш. И не заборавај да ги пофалиш за тоа што вредно работеле“ (Крис).
Помагај им на децата околу тешките задачи. Понекогаш децата премногу лесно се откажуваат бидејќи не знаат како да направат нешто. Затоа, кога го учиш детето на некоја нова вештина, би можел да го пробаш следниов метод. Прво, ти направи ја задачата додека детето те гледа. Потоа, направете ја заедно. И следно, гледај додека детето ја прави задачата, а ти давај му совети што ќе му помогнат. И на крајот, остави го детето само да ја заврши задачата.
Библиско начело: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:15).
„Од лично искуство можам да кажам дека ние, како родители, треба да бидеме упорни и истрајни ако сакаме и нашите деца да бидат такви. Ако сакаме да ги научиме децата на нешто, прво мора да го видат тоа кај нас“ (Даг).
Помогни им на децата да сфатат дека грешките и неуспесите се дел од животот. Раскажи им на децата случки кога и ти си се мачел со нешто, но и како ти користело тоа што не си се откажал. Објасни им дека е нормално да им биде тешко да направат нешто што е ново за нив и дека можат да учат од грешките. Увери ги дека, ако не успеат во нешто, тоа не значи дека помалку ќе ги сакаш. Исто како што еден мускул се зајакнува со вежбање, така и децата ќе ја развиваат упорноста ако оставиш да се соочат со предизвиците во животот. Па така, кога детето ќе се соочи со некој предизвик, наместо веднаш ти да му ја завршиш работата, остави го малку да се помачи, дури и ако тоа го нервира. Во книгата How Children Succeed пишува: „Најдобар начин за едно дете да се изгради како личност е да го оставите да проба да направи нешто за што постојат големи шанси дека нема да успее“.
Библиско начело: „Добро е човек да го носи јаремот во младоста своја“ (Плач Еремиин 3:27).
„За доброто на децата е да ги оставите да се помачат малку со некоја работа, но и да им ставите до знаење дека мама и тато се тука да им помогнат. По некое време ќе научат да го прават тоа и ќе увидат дека се исплаќа човек да биде упорен“ (Џордан).
Пофалете ги децата за трудот, а не за интелигенцијата. На пример, наместо да му речеш на детето „Браво, одлична оценка си добил на тестот! Многу си паметен!“, би можел да му речеш: „Браво, одлична оценка си добил на тестот! Ама заслужено, зашто видов колку многу учеше!“ Зошто е важно да ги пофалуваме децата за трудот што го вложуваат, а не за интелигенцијата? „Ако постојано ги фалиме децата колку се паметни, тие ќе почнат да се сомневаат во себе кога нешто не им оди или кога нешто ќе тргне наопаку“, вели д-р Керол Двек. Таа уште додава: „Ако родителите сакаат да им дадат нешто вредно на своите деца, најдобро е да ги научат да сакаат предизвици, да бидат спремни да учат од грешките, да уживаат во работата, да изнаоѓаат нови решенија и да продолжат да учат. Така децата нема да станат зависници од пофалба“. b
Библиско начело: „Пофалбата е испит за човекот“ (Изреки 27:21).