Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Децата и мобилните телефони — Дел 1: Дали моето дете треба да има мобилен телефон?

Децата и мобилните телефони — Дел 1: Дали моето дете треба да има мобилен телефон?

 Сѐ повеќе деца имаат мобилен телефон, a и многу од нив го користат за да имаат пристап до интернет додека се сами во својата соба. Доколку му дозволите на вашето дете да има мобилен телефон, на кои опасности ќе биде изложено? Кои се позитивните страни? Како да одредите граници околу тоа колку време вашето дете треба да користи мобилен телефон?

 Што треба да знаете

 Позитивни страни

  •   На родителите им е мирна главата ако знаат дека децата им се безбедни. Бетани, мајка на двајца тинејџери, вели: „Живееме во опасен свет. Многу е важно децата да бидат во контакт со своите родители“.

     Една мајка по име Кетрин оди чекор понатаму и вели: „Со некои апликации може да се поврзете со телефонот на вашето дете за да видите каде се наоѓа во моментот. Ако вози, може дури и да проверите со која брзина вози“.

  •   Помош околу училишните задачи. Една мајка по име Мери вели: „Децата добиваат домашни задачи преку имејл или пораки, и на истиот начин можат да комуницираат со своите наставници“.

 Опасности

  •   Премногу време на телефон. Младите обично поминуваат по неколку часови дневно на својот телефон. Но, и со родителите не е ништо поинаку. Тие на своите уреди поминуваат исто толку време колку што поминуваат во разговор со своите деца. Според еден психолог, некои семејства почнале да личат на „група странци кои секој ден се собираат заедно и не можат очи да одвојат од своите електронски уреди“. b

  •   Порнографија. Според една проценка, повеќе од половина од сите тинејџери, секој месец пребаруваат порнографски содржини. Тоа не е за изненадување, со оглед на фактот дека преку мобилен уред може многу лесно да се дојде до таков материјал. Вилијам, татко на двајца тинејџери, вели: „Со тоа што ќе му дозволат да има мобилен телефон, родителите несакајќи му овозможуваат на своето дете пристап до порнографски материјал без разлика каде тоа се наоѓа“.

  •   Зависност. Многу луѓе се емоционално приврзани за својот мобилен телефон. Ако не можат да го најдат, тие велат дека ги фаќа паника, дека се очајни, па дури и дека имаат чувство како да се болни. Некои родители забележуваат дека нивните деца стануваат дрски додека го користат својот мобилен телефон. Кармен вели: „Понекогаш, кога сакам да зборувам со син ми, тој ги превртува очите или ми возвраќа дрско бидејќи не сака никој да го прекинува“.

  •   Други опасности. Употребата на мобилен телефон носи опасност од сајбер малтретирање и секстинг. Исто така, може да доведе до голем број здравствени проблеми поради неисправно држење на телото и недоволен сон. Некои млади користат посебна апликација (ghost app) која изгледа сосема безопасно, како на пример калкулатор, а всушност во неа се крие содржина која тие не сакаат нивните родители да ја видат.

     Даниел, татко на една тинејџерка, вели: „Мобилниот телефон овозможува пристап до сето она што е на интернет — како до корисни така и до штетни работи“.

 Што треба да се прашате

  •   „Дали на моето дете навистина му е потребен мобилен телефон?“

     Во Библијата пишува: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Имајќи ги на ум овие зборови, прашај се:

     „Дали поради безбедносни или други причини е добро моето дете да има мобилен телефон? Дали ги имам земено предвид позитивните страни и опасностите? Дали има некоја алтернатива за паметниот телефон?“

     Еден татко по име Тод вели: „Сѐ уште може да се купи обичен телефон кој нема пристап до интернет, но со кој може да контактираш со твоето дете преку пораки и повици. Освен тоа, ќе заштедиш и многу пари“.

  •   „Дали моето дете е спремно за таква одговорност?“

     Во Библијата пишува: „Мудроста на паметниот човек е во тоа што го разбира својот пат“ (Изреки 14:8). Имајќи ги овие зборови на ум, прашај се:

     „Што ме уверува дека можам да има доверба во моето дете? Дали зборува со мене отворено? Дали моето дете секогаш е искрено со мене, на пример дали ми кажува кои се неговите пријатели? Дали веќе покажува самоконтрола кога користи други уреди, како на пример таблет, лаптоп или телевизор?“ Една мајка по име Серина вели: „Паметниот телефон може да биде многу корисен, но и многу опасен. Добро размислете колкава одговорност ќе биде тоа за вашето дете кое сѐ уште нема големо искуство“.

  •   „Дали јас сум спремен за таква одговорност?“

     Во Библијата пишува: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди“ (Изреки 22:6). Имајќи ги на ум овие зборови, прашај се:

     „Дали сум доволно запознаен со телефонот за да можам да му помогнам на моето дете да сфати какви опасности постојат и да може да ги избегне? Дали знам да ја активирам опцијата за родителска контрола? Како ќе му помогнам на моето дете да носи добри одлуки во врска со употребата на телефонот?“ Даниел, таткото кого го цитиравме претходно, вели: „За жал, сум видел многу родители кои ќе му дадат телефон на своето дете, но потоа воопшто не го проверуваат како го користи“.

 Заклучок: На децата треба да им се објасни како одговорно да го користат телефонот. Во книгата Indistractable пишува: „Повеќето деца не можат да му се спротивстават на искушението да поминуваат премногу време на својот мобилен телефон, особено ако родителите не ги надгледуваат“.

a Во оваа статија изразот „мобилен телефон“ се однесува на паметните телефони кои имаат пристап до интернет.

b Од книгата Disconnected од Томас Керстинг.