Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Како да го држиш гневот под контрола

Како да го држиш гневот под контрола

 Твојот сопружник можеби кажал или направил нешто со кое те налутил, а ти се обидуваш да скриеш дека си лут. Но, тој сфаќа дека нешто не е во ред и почнува да те потпрашува. Тоа уште повеќе те вади од такт. Што ќе ти помогне да си го контролираш гневот во таква напната ситуација?

 Што треба да знаеш

  •   Ако лесно избувнуваш, тоа може да му наштети на твоето здравје. Истражувањата покажуваат дека неконтролираниот гнев го зголемува ризикот од висок крвен притисок, срцеви заболувања, депресија и проблеми со варењето. Исто така, гневот може да води до несоница, зголемена вознемиреност, кожни проблеми и мозочен удар. Библијата со право вели: „Отфрли го гневот... [тој] само води до зло“ (Псалм 37:8).

  •   Не е добро ни да ја потиснуваш лутината. Ако собираш лутина во себе, тоа може да те јаде однатре како некоја болест. На пример, можеш да станеш циничен и да стекнеш навика да критикуваш. Со таква личност не е лесно да се живее. Тој став може сериозно да му наштети на бракот.

 Што можеш да направиш

  •   Размислувај за убавите особини на својот сопружник. Наведи три работи кои ги цениш кај него. Кога следен пат ќе се налутиш поради нешто што тој ќе го направи, сети се на тие особини. Ова може да ти помогне да си го контролираш гневот.

     Библиско начело: „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15).

  •   Научи да простуваш. Обиди се да гледаш на работите од аголот на твојот сопружник. Ова ќе ти помогне да развиеш сочувство (1. Петрово 3:8). А потоа прашај се: „Зарем навистина имам толку голема причина да не простам?“

     Библиско начело: „Чест... е да [се] премине преку престапот“ (Изреки 19:11).

  •   Објасни како се чувствуваш на љубезен и тактичен начин. Зборувај за твоите чувства. На пример, наместо да речеш: „Многу е безобѕирно од твоја страна што не се јави да ми кажеш каде си“, би можел да речеш: „Се секирам бидејќи е доцна, а не знам дали си добро“. Тоа што ќе зборуваш на благ начин ќе ти помогне да си го контролираш гневот.

     Библиско начело: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“ (Колошаните 4:6).

  •   Слушај внимателно. Откако ќе кажеш како се чувствуваш, дозволи му на твојот сопружник да си ја каже својата страна без да го прекинуваш. Кога ќе заврши, повтори го со свои зборови она што го кажал за да се увериш дека добро си го разбрал. Тоа што внимателно ќе слушаш ќе ти помогне да останеш смирен.

     Библиско начело: „Треба да [бидеш] брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19).