Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали сум перфекционист?

Дали сум перфекционист?

 Ако...

  •   не признаваш друга оценка освен чиста петка

  •   не пробуваш нови работи од страв дека нема да успееш

  •   секоја критика ја доживуваш како личен напад

 ...тогаш одговорот на прашањето од насловот веројатно е „да“. Но, дали е погрешно некој да биде перфекционист?

 Што има лошо во перфекционизмот?

 Нема ништо лошо во тоа да се трудиш да го даваш своето најдобро. Но, „воопшто не е исто да се трудиш да ги завршиш работите најдобро што можеш и да се трудиш да постигнеш совршенство“, како што пишува во книгата Perfectionism​—What’s Bad About Being Too Good? Во неа понатаму стои: „Перфекционизмот може да биде голем товар бидејќи, да бидеме искрени, никој не е совршен“.

 Слично на тоа, Библијата вели: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проповедник 7:20). Поради тоа што си несовршен, не е можно тоа што го правиш секогаш да биде најдобро.

 Дали ти е тешко да го прифатиш тоа? Ако да, размисли за следниве четири полиња на кои перфекционизмот може негативно да ти влијае.

  1.   Како гледаш на себеси. Кога некој е перфекционист, си поставува превисоки мерила — а тоа сигурно води до разочарување. Една девојка по име Алиша вели: „Факт е дека не можеме во сѐ да бидеме најдобри. Ако се осудуваме што не сме совршени, на крај ќе ни се сруши сета самодоверба. Така би можеле многу да се обесхрабриме“.

  2.   Како гледаш на советите. Перфекционистите обично ја доживуваат секоја критика како напад. „Кога некој ќе ме исправи за нешто, се чувствувам ужасно“, вели еден млад човек по име Џереми. Тој додава: „Перфекционизмот ти отежнува да си ги признаеш ограничувањата и да прифатиш помош“.

  3.   Како гледаш на другите. Перфекционистите честопати се критички настроени кон другите, што и не е за изненадување. „Кога очекуваш совршенство од себеси, очекуваш совршенство и од другите“, вели Ана, која има 18 години. „Бидејќи другите не можат ги исполнат твоите очекувања, постојано се разочаруваш од нив.“

  4.   Како другите гледаат на тебе. Ако имаш превисоки очекувања од другите, ништо чудно ако почнат да те избегнуваат. „Пренапорно е да се обидуваш да ги достигнеш мерилата на некој што е перфекционист“, вели една девојка по име Бет. „Никој не сака да биде во близина на таков човек!“

 Можеш ли нешто да смениш?

 Библијата вели: „Вашата разумност нека им биде позната на сите“ (Филипјаните 4:5). Разумните луѓе имаат урамнотежени очекувања и од себеси и од другите луѓе.

 „И онака сме постојано под некаков притисок. Зошто да си отежнуваш уште повеќе со тоа што ќе бидеш перфекционист? Кој може да носи толкав товар?“ (Најла).

 Библијата вели: „Скромно да одиш со [Бог]“ (Михеј 6:8). Скромните луѓе си ги знаат ограничувањата. Тие не прифаќаат повеќе обврски отколку што можат да завршат ниту, пак, посветуваат повеќе време на некоја задача отколку што можат да си дозволат.

 „Ако сакам добро да си ги извршувам обврските, свесна сум дека треба да прифатам само толку колку што е разумно, бидејќи тие ми се можностите“ (Хејли).

 Библијата вели: „Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила“ (Проповедник 9:10). Според тоа, лекот за перфекционизмот не е да се биде мрзлив, туку да се биде вреден — но во исто време и скромен и разумен.

 „Се трудам да ја завршам работата најдобро што можам, и го давам својот максимум. Знам дека нема да биде совршено, ама се чувствувам убаво бидејќи знам и дека сум дал сѐ од себе“ (Џошуа).