„Правам сѐ што можам“
Ирма, која живее во Германија, има речиси 90 години. По две тешки несреќи и неколку операции, повеќе не може да проповеда од куќа до куќа како порано. Ирма сега ја пренесува библиската вистина преку писма, кои обично им ги праќа на своите роднини и познајници. Нејзините писма, кои содржат охрабрувачки и утешни зборови, толку им се допаѓаат на другите што честопати ѝ се јавуваат за да ја прашаат кога да го очекуваат следното писмо. Ирма и самата добива многу писма во кои луѓето ѝ изразуваат благодарност и ја молат повторно да им пише. Таа вели: „Ова ми носи голема радост и ми овозможува и понатаму да проповедам“.
Ирма им праќа писма и на оние што живеат во старечки домови. Таа раскажува: „Една постара жена ми се јави по телефон и ми рече дека моето писмо многу ја утешило кога починал маж ѝ. Си го чува писмото во Библијата, и често си го чита навечер. Една друга жена, чиј маж неодамна починал, ми рече дека моето писмо ѝ помогнало повеќе отколку проповедта на свештеникот. Имаше многу прашања, и ми рече дека сака да ме посети“.
Една познајничка на Ирма која не е Јеховин сведок се преселила во друго место, но ја замолила да ѝ праќа писма. Ирма вели: „Таа си ги чувала сите мои писма. Кога почина, ми се јави ќерка ѝ. Ми кажа дека ги прочитала сите писма што ѝ ги имав испратено на мајка ѝ, и ме замоли и нејзе да ѝ пишувам библиски мисли“.
Ирма ужива во својата служба. „Го молам Јехова и понатаму да ми дава сила да му служам“, вели таа. „Повеќе не можам да одам од куќа до куќа, но правам сѐ што можам.“